Missing image

Велигденските празници ќе ги наполнат охридските цркви со верници

Богослужбите по повод велигденските празници започнуваат в недела. На празникот Цветници во црквата „Света Богородица- Каменско“ ќе се служи Бдение со Последование на Женихот. Едноцрквието ќе започне во 17 часот.

На 6.април, Велики Понеделник, во оваа црква со почеток во 7 часот ќе се одржат Часови и Преждеосвештена литургија, а во 17 часот Бдение со „Последование на Женихот“.

Велики Вторник се совпаѓа со празникот Благовештение. На овој ден во црквата „Света Софија“ со почеток во 07 часот и 30 минути ќе се одржи Утрена со Златоустова архиерејска литургија. Вечерта во 17 часот во црквата „Света Богородица-Каменско“ ќе има Бдение со „Последование на Женихот“.

На Велика Среда, Часови и Архиерејска Преждеосвештена литургија, едноцрквие, ќе се одржи во „Св. Богородица –Каменско“, со почеток во 7 часот.Вечерта од 17 часот во сите цркви во Охрид ќе има Мало повечерие со канон.

На Велики Четврток, Утрена со Василиева Архиерејска литургија со општ маслосвет ќе има во црквата „Св. Богородица-Перивлепта“, со почеток во 7 часот. Богослужби ќе има во сите парохиски цркви во Охрид.Вечерта во 18 часот и 30 минути ќе се одржи Бдение со читање на Дванаесетте Страсни Евангелија, во сите градски цркви.

Царски часови со Вечерна богослужба и изнесување на Светата Плаштаница, со почеток во 7 часот ќе има на Велики Петок. Митрополитот Тимотеј ќе богослужи во црквата „Св. Богородица“ – Каменско.На Велики Петок вечерта од 19 часот е „Оплакувањето и опелото на Христа“. Митрополитот Тимотеј ќе богослужи во црквата „Св. Ѓорѓи“ – Охрид.

Вечерна со Василиева Литургија ќе се служи на Велика Сабота во црквата „Света Богородица“ – Каменско, со почеток во 8.30 часот.

Воскресната богослужба во сите градски цркви ќе започне во 23.30 часот.Митрополитот Тимотеј ќе богослужи во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, со почеток во 23.30 часот.(Крај)

извор:ОхридПрес  фото:архива