ohridnevrememart1

Од денес ќе се пријавуваат штетите од невремето во Охрид

Охрид, 19. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Сите правни и физички лица кај кои се констатирани оштетувања од невремето кое го погоди регионот на Охрид пред два дена, од денес ќе може да поднесат барање за обештетување.

Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава веќе излезе на терен и ги констатира оштетувањата предизвикани од силниот ветар, кој дуваше со брзина од над 90 километри на час и во комбинација со високите бранови предизвика штета на повеќе места на крајбрежјето на Охрид.

Во меѓувреме, екипите на охридските Јавни претпријатија вчера и денес продолжуваат со чистењето на Охрид, особено на крајбрежниот дел, каде езерото исфрли огромни количини ѓубре.

Во саботата беше итно свикана и седница на Кризниот штаб, предводена од Градоначалникот Јован Стојаноски, при што беше направена првична анализа на штетата и биле договорени насоки за делување. Силниот ветар, кој дуваше со брзина од над 90 километри на час, предизвика штета на повеќе места на крајбрежјето на Охрид. Нивото на Охридското Езеро викендов беше на околу 693,78 метри, односно на 3 сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри. Силниот ветер предизвика бранови во висина од 120 сантиметри. Противпожарната единица само во саботата имаше осум интервенции на паднати оџаци, а најголеми оштетувања беа регистрирани на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива