dav

Миновски: ЕЛЕМ оптимално испушта вода преку Црн Дрим

Скопје, 26. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – АД ЕЛЕМ балансира меѓу потребите на граѓаните на Охрид и Струга и жителите по течението на Дрим и оптимално испушта вода од Охридското Езеро преку Црн Дрим со цел да ја сочува безбедноста на сите, порача денеска генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Драган Миновски.

– Согласно нашите мерења нивото на Охридското Езеро денеска е на еден сантиметар до критичната точка, односно 693,99 м.н.в., а, пак, според мерењата на УХМР е на 693,96 или четири сантиметри под максималната дозволена кота при големи води од 694 м.н.в. Отворот на Дрим е на ниво од околу 40 метри кубни во секунда и се прават оптимизации во делот на испустот на вода и дотокот на вода со цел да не се нанесат штети на граѓаните. Доколку се отвори отворот на Дрим на максималниот испуст од 70 метри кубни во секунда тогаш е сигурно дека штети ќе претрпат населените места по течението на реката, појасни Миновски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека ЕЛЕМ прави максимални напори да не дојде до излевање на Езерото, но додаде дека природата не може да се контролира.

– Се очекуваа поголеми води и поголемо ниво на Охридското Езеро да има на средината на март, но неочекувано поради високите температури и топењето на снегот такви големи води дојдоа на почетокот на февруари. Почнавме со превенција, односно со испуштање на водата на езерото уште на почетокот на јануари со цел да превенираме колку што е можно да не дојде до негово прелевање, потенцира Миновски.

Од почетокот на годинава, како што кажа, АД ЕЛЕМ нема направено увоз на електрична енергија и има максимално производството на струја од нивните капацитети.

– Кај хидроелектраните производството е зголемено за 39 проценти во однос на планот предвиден за 2018 година, додека кај термоенергетските капацитети е на ниво од околу 74 проценти од планираното. Заштедите кај термелектраните се поради големите води и големиот водостој на акумулациите. Во моментов не размислуваме за продажба на електрична енергија во странство, бидејќи цените на берзите во регионот не се на ниво кое дозволува продажба со профит, рече Миновски.

Нагласи дека се планира струја да се продава во текот на летните месеци кога се очекува да има повисока цена на берзите, а дотогаш, како што рече, ќе се полнат акумулациите.

Посочи дека се наравени сите подготовки во ЕЛЕМ за изградба на 10 киловотлтната фотоволтаична електрана и додаде дека се чекаат само измените на Законот за енергетика со кои ќе се овозможи поголема инсталираност на соларни електрани. (Крај)

извор: Сител фото: Сител