vestacka intelegencija

Франција ќе инвестира 1,5 милијарди евра во развој на вештачка интелигенција

Париз, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Франција ќе издвои 1,5 милијарди евра јавни трошоци во развој на вештачка интелигенција до 2022 година, за да ги стигне технолошките гиганти во САД и Кина, објави францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од Ројтерс.

Инвестицијата ќе биде дел од стратегијата со која Франција сака да се справи со својата технолошка заостанатост, спомената во неодамнешниот експертски извештај за оваа тема за владата. Макрон во неколку наврати изјави дека сака да ја претвори Франција во „стартап“ држава, создавајќи работни места и да ги задржи талентираните луѓе кои инаку ќе работат за глобалните технолошки компании во САД и Азија.

– Нема шанси да контролираме какви и да било ефекти (на овие технологии) или да го имаме зборот, ако сме го пропуштиле почетокот на војната“, рече претседателот во четвртокот пред министри и директори на компании на форум посветен на вештачката интелигенција.

Според зборовите на Макрон, првата цел е да се користи успешно образовниот систем на земјата, која во моментов обучува математичари и компјутерски инженери, но тие обично ја напуштат земјата или работат во компании како Google и Facebook. Прашањето го прокоментира и министерот за финансии, Бруно Ле Мер. „Каква загуба … Франција плаќа за обука на докторанти кои потоа одат во САД“.

Извештајот, инспириран од новата стратегија на Макрон, беше подготвен од неговиот пратеник и познатиот математичар Седрик Вилани. Во текстот се вели дека има потреба од двојно зголемување на платите на вработените во технолошкиот сектор (последователно напуштен предлог) и владините истражувачки институции треба да соработуваат поблиску со приватниот сектор.

Во моментов според консултантската компанија „McKinsey“ трошоците за истражувачка дејност во областа на вештачката интелигенција на најголемите компании во светот биле меѓу 20 и 30 милијарди долари само за 2016 година.

Како знак на поддршка за плановите на Макрон, компании како Samsung, Fujitsu и IBM објавија дека ќе ги засилат своите операции во Франција, објави Ројтерс. (Крај)

извор: Стандард фото: архива