Pucdemon1

Пуџдемон на слобода со кауција од 75.000 евра

Кил, 6. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Суд во германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн донесе одлука за ослободување од притвор на поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон, со кауција од 75.000 евра.

Според одлуката на Судот, 55-годишниот Пуџдемон ќе остане на слобода се до донесувањето одлука по барањето на шпанските власти за негова екстрадиција во Шпанија, каде е обвинет за бунт, поттикнување бунт и злоупотреба на државни средства за организирање на ланскиот референдум за независност на Каталонија.

Судот оцени дека Пуџдемон не може да биде екстрадиран во Шпанија по главното обвинение за бунт, бидејќи според германското законодавство таквото дело би требало да подразбира и насилство.

Германското јавно обвинителство во вторникот побара Судот да дозволи екстрадиција на Пуџдемон во Шпанија, со обарзложение дека барањето на Мадрид е оправдано, бидејќи „можело да се очекува оти организирањето на противуставниот референдум за независнот на Каталонија, ќе доведе до насилни судири“.

Адвокатите на Пуџдемон побараа од германските власти „да не се мешаат во случајот“, со образложение дека целиот случај има „политичка димензија“.

Пуџдемон минатиот викенд на средба со двајца пратеници во германскиот Парламент, кои го посетија во притворот, изјави дека не е криминалец и дека борбата за независност на Каталонија се базира на демократија и ненасилство.

Карлес Пуџдемон беше уапсен во Германија на 25-ти март, додека се враќаше од Финска во Белгија, и беше префрлен во притвор во Нојминстер. Тој ја напушти Шпанија лани во октомври откако Мадрид ја суспендира автономијата на Каталонија, како одговор на одлуката на каталонскиот Парламент за прогласување независност на регионот. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива