vanconikoleskigerijatrija

Ученици од ОУ „Ванчо Николески“ во посета на одделот за Геријатрија при охридската болница

Охрид, 11. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Единаесет ученици од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, заедно со нивните наставнички го посетија одделот за Геријатрија при Општата болница во Охрид.

– Денешната посета беше во рамки на активностите што во училиштето ги реализира ученичката заедница ПЦК – Подмладок на Црвен Крст. Оваа активност беше со цел учениците да ги посетат старите лица кои се сместени во овој оддел, да поразговараат со нив, да им ги честитаат Велигденските празници, да им посакаат здравје и да им подарат пригодни велигденски подароци. Исто така учениците имаа подготвено музичка точка со која малку ги развеселија старите лица и им го разубавија денешниот ден. На крајот учениците заедно со старите лица сместени таму запеаја неколку македонски песни, со што во одделот геријатрија навистина се создаде една празнична атмосфера. На крајот старите лица и персоналот не заборавија да им се заблагодарат на нашите ученици и да им посакаат многу успех и среќа во животот. Училиштето оваа посета ја реализираше во соработка со ООЦК Охрид, а ваквите активности ќе продолжат и во иднина, со цел посветување внимание на овие лица од една страна, но од друга страна и поучување на нашите ученици на хумани вредности, почитување и добрина, информриаат од училиштето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива