percobozinoski

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ преку политички монтирани случаи сака да го руши угледот на поранешните директори од ВМРО-ДПМНЕ

Охрид, 13. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Политичкиот прогон е секојдневно присутен. СДСМ во отсуство на реални проекти и дебаклот кој го доживува во Охрид откако се на власт за дефокусирање на јавноста од суштинските прашања за градот, сега се потпира на полициските структури, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Додека во градот криминалот цути, полицијата е партиски инструмент којашто се занимавава со комични работи. Тужби кои ни студент од прва година не би ги напишал за бесплатни амортизирани телефони од 1 денар. СДСМ води нарачана, и пресметана хајка врз поранешните директори на ВМРО-ДПМНЕ поднесувајќи преку институциите неиздржани кривични пријави кои имаат политичка цел. Се работи за партиски нарачки, класичен дегутантен пример на политички монтирани случаи, базирани на погрешни претпоставки и лажни конструкции а целта е рушење на угледот на личноста на поранешните директори. СВР стана синоним за корупција наместо симбол за борба против истата. Надлежните институции не смеат да бидат продолжена рака на СДСМ со тоа што ги штитат политичките истомисленици, истакнаа на денешната прес конференција.

Од партијата прашуваат дали тоа што некој е директор и кадар поставен од СДСМ го амнестира од одговорност, а другите треба да се влечат по судови, против колку директори од актуелната локална власт не е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба, но и зошто не се објавува дека се води постапка од ОЈО за поранешната директорка на ЈП „Градски гробишта“?

– ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека сите оние кои учествувале во овие политички нарачки по промената на Власта ќе одговараат. Институциите покажуваат недостаток на капaцитет и способност да ги расветлат настаните поврзани со кадрите на СДСМ, а тоа покажува исклучителна неспособност и пристрасност во расчистувањето на случаите. На секој чекор никнуваат дивоградби, се узурпира земјиштето, во градот се случува урбанистички хаос, дури и на повидок е нов панаѓур за време на летната сезона. СДСМ и Градоначалникот Јован Стојаноски време е да се фатат за работа, да престанат да ја замајуваат јавноста и да започнат со реализирање на ветените проекти, ако и воопшто ги имаат од т.н. „План за живот“, додаваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ