video-assistant-referee

Пеп ги посочи главните виновници што нема ВАР технологија во Премиер лигата

Лондон, 15. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Шпанскиот стратег на клупата на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола ги посочи Манчестер Јунајтед и Челси како тимови кои биле против воведување на ВАР технологијата во Премиер лигата.

Одлуката да нема видео технологија и следната година беше донесена на вчерашниот состанок на кој беа присутни претставници на сите 20 клубови.

-Мислам дека Манчестер Сити се согласи на тоа, но другите топ тимови како Јунајтед и Челси не сакаа видео технологија. Тоа е во ред од нивна страна, но воведувањето на видео технологијата ќе се случи еден ден, не само во Англија, туку и во целиот свет. Некој мора да им помага на судиите во денешниот фудбал.

-Сега, пример, не знаеме дали тоа во Мадрид беше пенал или не. На судиите не им е лесно, јас мислам дека тие треба да добијат помош- коментираше Гвардиола.

Токму немањето на ВАР технологија и во Лигата на шампионите можеби ги чинеше „граѓаните“ пласман во полуфиналето. За потсетување, судиите му поништија чист погодок на Лерој Сане на крајот на првиот дел на реванш средбата против Ливерпул. (Крај)

извор: Стандард фото: архива