ugrenovik

Со распит на сведоци продолжи главната расправа во повтореното судење за случајот Матилоски

Охрид, 17. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со испитување на сведоци од обвинителството, во охридскиот Основен суд продолжи главната расправа во повтореното судење за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски.

Иако уредно поканети, со потврда дека примиле покана и денес не се појавија сведоците од Република Србија, кои критичната ноќ кога се случи немилиот настан биле во угостителскиот објект. Доколку не дојдат и на следното рочиште, Јавниот обвинител ќе предложи до Судот да бидат земени во предвид изјавите кои ги дале во првичниот судски процес.

Следното рочиште судијката го закажа за 2-ри мај.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, Србија на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.

Кривичниот совет потоа донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор.

По бројни одложени рочишта, Кривичниот совет на охридскиот Основен суд на 16-ти ноември донесе одлука на Угреновиќ да му се суди во отсуство, со што се создадоа услови за отпочнување на главната расправа во повторениот судски процес.

Новиот бранител на Угреновиќ, кој беше назначен по службена должност, рече дека намерата на одбраната е да ја преиспита умислата за кривичното дело за кое се товари Угреновиќ, како и правната квалификација на истото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива