Спорт

ЛШ: Во драматичен финиш, Вардар со пресврт до триумф кај Кил

Кил, 23. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ракометарите на Вардар направија џиновски чекор кон пласманот на завршниот турнир во Келн, откако во „Шпаркасе арена“ го победија Кил 29:28 (14:12), во првиот четврт-финален натпревар во Лигата на шампионите.

Вардаровите херои во Германија беа Дибиров и Македа. Првиот го израмни резултатот на 40 секунди до крајот (28:28), а вториот постигна гол од аут во последните секунди, со што го постави конечниот резултат.

Актуелниот европски првак и кај најтрофејниот германски тим ја демонстрираше својата моќ. Вардарци одиграа одличен меч, во кој влегоа решително и од линијата за шест метри ја растураа одбраната на домаќинот.

Тренерот на Кил, Гисласон експериментираше со одбрамбените формации, во обид да го запре Лука Циндриќ и бековската линија на Вардар.Во тој дел Кил одигра добро, меѓутоа длабоката зона остав многу простор за пикерите на Вардар, кои секоја шанса максимално ја користеа.

Штербик имаше 10 одбрани, додека со по пет гола најефикасни кај Вардар беа Чупиќ, Мораеш, Стоилов. На спротивната страна најдобар беше Ландин со 13 интервенции, а стрелците ги предводеа Екберг, Вујин и Билик со по четири гола.

Реваншот во Скопје ќе се одигра на 29.април. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука