Градоначалникот Стојаноски учествува на конференција за улогата на науката и истражувањето во одржливиот развој на балканскиот регион

Охрид, 23. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на завршната дискусија на меѓународната „Хумболт“ конференција, организирана од „Хумболт и ДААД клубот“ од Македонија со поддршка на „Александер фон Хумболт“ од Германија, свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

– Конференцијата е посветана на една извонредно важна тема: „На вратата на Европската Унија- Улогата на науката и истражувањето во одржливиот развој на балканскиот регион“. Во изминативе денови, видни имиња од областа на науката, добитници на стипендии од престижните германски фондации ДААД и Александер фон Хумболт од балканските простори и гости од Италија и Јордан, професори, интелектуалци и млади истражувачи, дебатираа, а денеска заеднички се сумираат резултатите преточени во заклучоци. Во нив, како што се очекува ќе бидат нотирани најважните точки за унапредување на  меѓународната академска соработка и отворање дебата за важноста на науката и истражувањето во развојот на регионот. Како градоначалник, а особено како универзитетски професор и дел од академската заедница, уверен сум дека со спроведување на применливи, развојни и иновативни истражувања и анализи од највисоко општествено-економско значење, битно ќе се влијае на одржливиот развој на балканскиот регион. Тие истражувања се стратешки и мултидисциплинарни, а како предзнак ја имаат целта за научно поткрепена промоција на регионот во евроатланските интеграции, истакна градоначалникот Стојаноски.

Целта на конференцијата е да обедини дел од академската заедница од регионот со академската заедница од нашата земја, да ја промовира научната извонредност, меѓународната академска соработка, како и дебатирање на темата на конференцијата која е особено значајна за Република Македонија.

На конференцијата што се одржува од 20-ти до 23-ти април, учество зедоа повеќе видни имиња од областа на науката, добитници на стипендии од престижни германски фондови и гости од Италија и Јордан. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид