highvoltagecorner1

High Voltage во „Радио Корнер“ на Супер радио ја промовираа песната „Way of life“

Охрид, 08. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот бенд High Voltage често го слушаме низ охридските локали, а членовите ги запознавме и како полуфиналисти во талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.

Зоран Кречо како ментор во Талент шоуто и сопственик на студиото „Кречо Саунд“ го препозна нивниот телент и амбиција и ги награди со студиско снимање на една песна. Песната „Way of life“ веќе е снимена и за прв пат во радио етерот денеска беше промовирана во емисијата „Радио Корнер“, каде гостуваше Јован Чифлигароски, лидерот на бендот.

Супер радио: High Voltage стигна до полуфиналето на Ohrid SUPERSTAR. Од тогаш помина една година, што се случи во меѓувреме со бендот High Voltage?

Чифлигароски: Имаме промена во составот на бендот, а името си го задржавме. Имаме нов басист и нов тапанар. Бевме четири момци, а сега голема привилегија за нас е што имаме и една девојка во составот. Јас свирам гитара, а Јован Јованоски е вокал и ритам гитара. Марина Ангелоска свири бас гитара, а Димче Бушиноски е новиот тапанар на бендот. Инаку Марина ми е најдобра другарка, јас ја учев да свири гитара, па кога ни откажа басистот, таа супер се вклопи во бендот.

highvoltagecorner2Супер радио: Добивте награда од студиото „Кречо Саунд“ да снимите една авторска песна. Музиката, текстот, аранжманот чии се и како е насловена песната?

Чифлигароски: Авторски зад песната комплетно стојам јас, мои се и музиката, текстот и аранжманот, а насловена е „Way of life“.

Супер радио: Задоволни ли сте од соработката со екипата на „Кречо Саунд“?

Чифлигароски: Ние сме презадоволни од соработката со Зоран Кречо, неговото студио максимално ги задоволи нашите очекувања и мислам дека „Кречо Саунд“ е едно од најдобите студија во државава. Голема благодарност за прекрасната соработка.

Супер радио: Сега кога со деби синглот го скршивте мразот, имате ли план да снимите албум, кои се Вашите идни предизвици?

Чифлигароски: Дефинитивно имаме план да снимиме албум. Песните се веќе готови и треба само да ги снимиме. Главниот жанр на албумот кој го планираме е хард-рок, но има по некоја песна која излегува од таа рамка, имаме две песни со метал примеси и неколку балади кои се повеќе поп-рок.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес