slave trajanoski

Трајаноски: Преку „Мојот родослов“ успеав да ја зачувам од заборав вистината за моето семејство и род

Охрид, 12. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Старите филозофи рекле: Пред фактите и Боговите молчат“, а една стара мисла вели: Ако не си ја знаеш родата, не знаеш кој си. Воден од овие две девизи, охриѓанецот Славе Трајаноски решил да тргне по вистината за својата семејна лоза, за својот родослов, со една цел да се зачува од заборав.

Во книгата „Мојот родослов“, која беше промовирана, на 70-на страници, авторот преку пишана и фото документација ја пренесува семејната лоза Трајановци.

За патот кој го поминал за време на пишувањето, колку тоа било тешко или лесно, поразговаравме со авторот Славе Трајаноски.

Супер радио: Од каде идејата да се напише еден ваков труд?

Трајаноски: Идејата во мене беше присутна, тлееше од поодамна, од моментот кога за првпат ја видов невестинската носија на мојата баба Поликсена. Целта ми беше да ја зачувам од заборав вистината за моето семејство и род по прадедо, дедо и татко.

mojot rodoslov

promocijaСупер радио: Кој беше, личност или настан, пресуден да се зафатите со истражување?

Трајаноски: Најзаслужен за пишувањето на трудот е мојот за жал сега покоен братучед Живко Сотироски, кој ми ги кажа имињата на моите прадедо и прабаба нивните 11 деца и како продолжила лозата. Оттука продолжив со директни контакти, со барање на слики, со факти кои ги најдов во Историскиот архива во Охрид и во грчки летописи предведени на македонски да го искористам тоа и да ја кажам вистината за Трајановци. Знаејќи дека никој досега од мојата поблиска и подалечна рода не се зафатил со ваква работа, одејќи од куќа до куќа, од семејство до семејство, насекаде со воодушевување ја прифатија и поддржаа мојата идеја.

mojot rodoslov 2Супер радио: Што всушност содржи книгата и кој период е опфатен?

Трајаноски: Книгата започнува со голготата која ги снашла и родоначалниците на родот Трајановци во родното село П’пли, на брегот на Малото Преспанско езеро во Егејска Македонија. Моите предци утеха побарале во манастирот Св. Наум, како манастирски прислужници. Се населиле во населбата Колиби, над манастирот Св.Атанасиј. Овде уште сакам да се заблагодарам и на соселаните кои живееле заедно со нашите предци, со чија помош успеав да го склопам мозаикот. Инаку се враќам наназад од 1873 година па наваму, се до моите деца.

Супер радио: Сега збор два за Вас, родени сте во Охрид, тука сте основале и семејство.

Трајаноски: Точно така, роден сум во Охрид на 12-ти март 1948 година, тука завршив основно и средно училиште, а студирав на Педагошката академија во Скопје. Работниот век го поминав во Штабот за територијална одбрана, односно во АРМ и сега сум пензионер. Сега собрав сили и време да се посветам на ова што веќе го напишав, а има уште многу да се надоградува, ова е само почетокот.

Супер радио: Што би им препорачале на вашите деца,внуци, на поколенијата?

Трајаноски: Целта со овој труд ми беше роднините кои ги имаме да ги доосознаеме и да се зближиме, она што е познато меѓу луѓето дека ако не си ги знаеш роднините, ако не знаеш кој си тогаш си никој и ништо. Драго ми е што се обидов и успеав барем еден дел од родот кои живеат надвор од Република Македонија да го донесам и да се запознаат. Ова дело останува белешка за историјата. Нека биде аманет за идните генерации, да напишат по некој збор за семејството, фамилијата, за времето во кое живееле, бидејќи само така ќе се осознаеме себе. И ова може да му биде патоказ на други фамилии да го следат примерот и тие да го направат сопствениот родослов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес