stojanoskinurkaci

Стојаноски: Ќе го исчистиме градот пред сезоната, но мора таков и да се одржува

Охрид, 13. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни акции Охрид ќе го исчистиме во пресрет на сезоната, но мора таков и да се одржува, а тоа е обврска на сите граѓани, порача градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски на почетокот на денешната акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.

– Планирани се многу акции на здруженија, фирми и охридските Јавни претпријатија. Јасно е дека ЈП „Охридски комналец“ не може сам да го чисти целото крајбрежје, па затоа ваквите акции се особено важни. Охрид е туристички град и тој мора да е чист и како таков препознатлив во земјата, но и многу пошироко, истакна Стојаноски.

Како дел од бројните активности за чистење на Охрид во пресрет на туристичката сезона, членовите на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид денес спроведуваат акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.

Минатиот викенд охридските Јавни претпријатија одржаа почетка акција за собирање на ѓубре, вчера акција одржаа и охридските Ротаријанци кои најавија дека ќе бидат дел и од големата еко акција „Мој Охрид-чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона, што ќе се одржи на 9-ти јуни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива