oglasicarsija

Каде се младите охриѓани, насекаде огласи за работа, работници нема!?

Охрид, 13. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Дуќаните по охридската чаршија, како никогаш досега, се облепени со огласи преку кои се бараат вработени. Сликата се повторува и во другите делови на градот, а на проблемот со работници веќе подолго време реагираат и сопствениците на поголемите компании од Охрид.

Како најчести причини кои доведуваат до овој проблем се посочуваат релативно ниските плати кои се нудат во градот, големиот број на вработувања во поголемите компании кои отворија погони во Охрид и околината, а особено проблемот со „белата чума“, односно иселувањето и се` помалиот број млади луѓе кои остануваат во градот.

– Имам дадено огласи за вработување по медиумите, на социјалните мрежи и на интернет порталите и сепак одзивот е сосема мал, скоро и да го нема, вели за Супер радио сопственик на поголема компанија од Охрид.

Тој проблемот го лоцира пред се` кај фактот што огромен број млади луѓе се иселија од градот и заминаа надвор од државата, во потрага по подоби услови за живот за себе и своите семејства. А бројките за иселување од Охрид се навистина поразителни.

Вкупно отселени граѓани од Охрид:
2005 година – 452 лица
2006 година – 653 лица
2007 година – 220 лица
2008 година – 594 лица
2009 година – 802 лица
2010 година – 676 лица
2011 година – 1.069 лица
2012 година – 1.296 лица
2013 година – 766 лица
2014 година – 643 лица
2015 година – 689 лица
Вкупно: 7.860 лица

Она што е парадоксално е што официјалните бројки покажуваат дека огромна бројка луѓе во Охрид бараат работа и се пријавени во соодетните институции. Во Охрид во моментов се евидентирани вкупно 6.573 невработени лица од кои 3.619 се водат како активни баратели на работа, изјави неодамна за Супер радио и OhridPress директорката на Центарот за вработување во Охрид, Маја Ташева Биткоска. Периодов наназад е забележан пораст на невработеноста, како резултат на новопријавените лица по основ на Законот за материјално обезбедување.

Во насока на зголемување на вработеноста на населението, од Агенцијата за вработување излегоа со новитети во активните мерки. Со оперативниот план за програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот се дава шанса на сите категории невработени лица, преку мерки за самовработување, обуки за стекнување на нови вештини, поддршка на работодавачите.

Во моментов се активни, а ќе бидат отворени до крајот на оваа година, обуките на работно место за познат работодавач, како и за побарувани занимања и занаети. Јавниот оглас за обука за напредни IT вештини ќе биде отворен до 30-ти април. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес