goranbaleski

Балевски: Позитивно е тоа што секоја година нуркачите вадат се` помалку отпад од езерото

Охрид, 13. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид денес спроведе акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад на потегот од градското пристаниште до Канео.

– Наша единствена цел е да влијаеме врз свеста на граѓаните, да им се врежи во свеста дека не треба да се фрла отпад во езерото. Езерото го загадуваат исклучиво граѓаните на Охрид, никој од туристите не доаѓа за во езерото да фрли машина за перење, истакна Горан Балевски нуркач од Клубот за подводни активности „Охрид“. Тој додаде дека е позитивно тоа што секоја година се намалува количината отпад која нуркачите ја вадат од водите на езерото.

Со бројни акции Охрид ќе го исчистиме во пресрет на сезоната, но мора таков и да се одржува, а тоа е обврска на сите граѓани, порача градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

stojanoskinurkaci– Планирани се многу акции на здруженија, фирми и охридските Јавни претпријатија. Јасно е дека ЈП „Охридски комналец“ не може сам да го чисти целото крајбрежје, па затоа ваквите акции се особено важни. Охрид е туристички град и тој мора да е чист и како таков препознатлив во земјата, но и многу пошироко, истакна Стојаноски.

Акцијата за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад на членовите на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид беше дел од бројните активности за чистење на Охрид во пресрет на туристичката сезона. Минатиот викенд охридските Јавни претпријатија одржаа почетка акција за собирање на ѓубре, а вчера акција одржаа и охридските Ротаријанци кои најавија дека ќе бидат дел и од големата еко акција „Мој Охрид-чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона, што ќе се одржи на 9-ти јуни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес