ohrid0310172

Состанок за изработка на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро

Охрид, 14. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Утре во Охрид ќе се одржи почетниот состанок за изработка на Планот за управување на сливот на Охридско Езеро, еден од најважните и најнеопходните документи за иднината на заштитата и управувањето со сливот на Охридско Езеро.

Планот е билатерален и интегрален и ќе биде изработен во согласност со Европската рамковна директива за води и националните законодавства на дветe земји кои го споделуваат Сливот на Охридско Езеро. Состанокот ќе содржи презентација на веќе изработениот Почетен извештај за изработката на планот за управување со сливот и ќе ги посочи принципите и чекорите за изработка на самиот План за управување. Исто така ќе биде создадена и платформа за дискусија помеѓу сите надлежни институции за процесот и за методологијата на изработката.

– Заеднички, интегрален План за управување со сливот е алката што ни недостасуваше во заштитата и управувањето со Охридско Езеро. Овој план заедно со прекуграничната дијагностичка анализа на Дримскиот Басен и Стратешкиот акционен план се основата за поставување на надеж за зачувување на вредностите и за креирање на одржливата иднината во регионот. Тоа е впрочем нашата мисија и цел кон која тежнееме, вели Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ Дримскиот проект.

Изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро е финансирана во рамите на ГЕФ Дримскиот Проект и е една од клучните активности во програмата за мерки за заштита и управување во басенот. Изработката е предвидено да трае 18 месеци и да резултира со Финален и усвоен План за управување со сливот на Охридско Езеро согласно Европската рамковна директива за води. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес