imamnestodatikazam

Второ издание на „Имам нешто да ти кажам“ во кафе бар Shilla

Охрид, 15. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во четврток, 17-ти мај во кафе барот Shilla ќе се оддржи второто издание на „Имам нешто да ти кажам“- поетско читање на авторска поезија од аматери-вљубеници во пишанот збор.

Првото издание кое се оддржа на 19-ти април предизвика голем интерес, па на барање на авторите и публиката организаторите се одлучија за втор настан.

– Позитивно сме изненадени од посетеноста и заинтересираноста. Охриѓани покажаа дека се желни за секој вид на уметност и дека се големи љубители на пишаниот збор па безрезервно го поддржаа овој проект, кој се надеваме дека ќе прерасне во убава навика кај Охриѓани и дека секој ќе може да стане и да си ја каже маката или тоа што му лежи на душа во уметничка форма, преку поезија. Се’ додека има заинтересираност и посетеност како првиот пат, убеден сум дека ова може да стане една убава традиција, каде ќе можеме барем еднаш месечно, да си застанеме во Шила, да ја негуваме уметноста и убаво да си поприкажеме, вели Јован Цветкоски, еден од организаторите и постдипломец на Филмската академија во Охрид и член на НАТГ „Аматер“.

Престојниот настан е уште еден во низата културни вечери организирани во концептуалниот кафе бар Shilla, кој сѐ повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. Од Shilla ги охрабруваат креативците од сите сфери да ги контактираат во врска со промоција на нивниот труд. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива