pres mpc 2

Општина Охрид: Неприсуството на претставници од БПЦ нема да влијае на програмата за милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Неприсуството на претставници на Бугарската православна црква на прославата на 1 000 годишнината од основањето на Охридската Архиепископија во Охрид нема да влијае на предвидената програма, велат за Супер радио и OhridPress од општина Охрид.

И покрај официјалната покана од страна на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан, Светиот Синод на БПЦ донел одлука да не испраќа свои претставници на централната свеченост во Охрид.  За денес пак, фондацијата „Бугарска меморија” закажа протест во Софија против ваквата одлука на Светиот синод.

Инаку, централната свеченост за одбележување на значајниот јубилеј, еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија, ќе се одржува  на 27-ми и 28-ми мај во Охрид. Првиот ден во катедралната црква Св. Софија ќе има свечена академија по повод јубилејот, под покровителство на претседателот на државата. На 28-ми мај ќе има литургиско чествување, кое ќе биде соборно и со кое ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА, во сослужение на сите членови на Светиот архиерејски синод.

На централната свеченост со пригоден концерт ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски. Диригент ќе биде Борјан Цанев, а ќе се изведат композиции со тематика од македонските тропари.

Активностите во рамки на програмата за одбележување на јубилејот се распоредени во периодот од мај до декември. Предвидени се научни и академски собири, издавање на значајни публикации, спортски културни, образовни и уметнички активности.

Ова ќе биде првиот голем јубилеј, кој Македонската православна црква – Охридска архиепископија го слави како поврзување на нејзиниот континуитет со Охридската архиепископија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива