upisiatletskiklub_640x360

Атлетскиот клуб „Охрид“ ќе се приклучи на акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно се` повеќе спортски и еко друштва, големи компании и здруженија се пријавуваат да бидат дел од големата Еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за детално чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона.

Членовите на атлетскиот клуб „Охрид“ денес го најавија своето учество во еколошката акција за разубавување на Охрид. Покрај останатите поддршка на акцијата најавија и охридските ротаријанци, заедно со Здружението З’ш авантура.

Акцијата која ќе се одржи на 9-ти јуни е иницирана од Супер радио, со поддршка на бизнис секторот, охридските медиуми, еколошките и спортски друштва од Охрид.

– Основната идеја е да се анимираат граѓаните на Охрид, посебно учениците од сите основни и средни училишта во градот за чистење на централниот дел од градот. Особен акцент ќе им се даде на плажите, каде е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона. Потегот од Воска до хотел „Десарет“ и плажата „Градиште“ ќе се подели во региони и ќе се чисти крајбрежниот појас, со особен акцент на најпопуларните плажи, плажите пред хотелите, се` со цел Охрид да блесне во целата своја убавина пред оваа туристичка сезона, велат од Супер радио.

akcijamojohridВо акцијата, покрај учениците, ќе учествуваат и поголеми компании од градот, спортски и еко здруженија, вработените во локалната самоуправа, Јавните претпријатија, а организаторите упатуваат повик и до сите граѓани да учествуваат за да добие акцијата на што поголема масовност.

– Со личен пример да им покажеме на најмладите колку е важен овој сегмент од животот. Затоа и акцијата е првенствено насочена кон нив во обид за максимално кревање на нивната свесност за значењето на чистата животна средина. Охрид е дар од Бога и треба како такот да му пристапиме најсериозно и сите заедно да помогнеме тој да биде вистински бисер на Балканот. За сите учесници ќе бидат обезбедени и ракавици, вреќи и превоз до оддалечените плажи, додаваат од Супер радио.

Сите заинтересирани дополнителни информации можат да добијат на Официјалната група на Facebook на настанот, на која можат и да го пријавуваат своето учество. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива