Инфо-сесија за потребите од промена на развојната програма во туризмот и угостителството во Охрид

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Согледување на постоечката состојба, предлагање најсоодветни предлози за идниот развој на туризмот и угостителството, иницирање конкретни решенија за предложените законски промени, како и дополнување на легислативата се целите на инфо-сесијата што со поддршка на УСАИД се одржа во Охрид.

Александар Зарков, извршниот директор на Сојузот на стопански комори, истакна дека четири стопански комори имаат потпишано платформа за соработка и обединети ставови на бизнис-заедницата да ги пренесуваат на највисоко ниво до државните институции.

– Ова е единствен случај, не само кај нас, туку и во регионот, преку комуникација со партнери од земјата да се пренесат мислењата на стопанските субјекти од областа на туризмот… Прво вршиме анализа на секторот односно моменталната состојба на компаниите и проблемите со кои се соочуваат и истите директно ги пренесуваме до Владата и ресорните министерства. Втора цел е усогласување на легислативата во согласност со потребите на бизнис-заедницата, преку изготвување „чек-листи“ со законската регулатива за конкретно правно лице, а следен чекор е истото да биде достапно и во електронска верзија преку интернет, истакна Зарков.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, од своја страна рече дека секоја активност насочена кон подобрување на состојбите во туризмот и угостителството е од особена важност за локалните самоуправи како Охрид во која голем дел од бизнис-заедницата своите приходи ги остварува токму во дејностите како туризмот и угостителството.

Тој посакувајќи им на сите субјекти успешна сезона, а за наредната сите детектирани проблеми што се под ингеренција на Локалната самоуправа да бидат адресирани до локалната власт со цел нивно отстранување и што подобро туристичко претставување на градот пред туристите.

– Ќе имаме можеби разидувања, несогласувања, ќе бидат посочени проблеми, но секогаш преку дискусија и заеднички пристап сме подготвени да работиме на решавање на проблемите на бизнис-секторот, рече Стојаноски. (Крај)

извор: Вечер фото: Вечер