zaevmickoski

Утре неформална лидерска средба Заев-Мицкоски?

Охрид, 17. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Разговорите во процесот Жан Моне во текот на утрешниот ден во Охрид треба да финишираат со вечера на која се поканети и лидерите на парламентарните политички партии.

Ќе присуствуваат премиерот и прв човек на СДСМ, Зоран Заев, претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на ДПА, Мендух Тачи, на Алијансата на Албанците, Зијадин Села и од Беса, Билал Касами. Доколку се одржи, би можело да биде првата средба на лидерите на овие партии, по денешните разговори на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас на Самитот во Софија.

Средбата во рамки на Жан Моне процесот може да се смета како дел од реформите во земјата, имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот 3-6-9, а овие разговори треба да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

На средбата во Охрид ѝ претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс. (Крај)

извор: фактор.мк фото: архива