maratonciplivanje

Маленко: Во 2020 година Охрид и Македонија ќе го имаат најголемиот пливачки настан досега

Скопје/Охрид, 17. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Голема е веројатноста Европското првенство во далечинско пливање на 5, 10 и 25 километри да се одржи во Охрид во 2020 година.

Апликацијата за домаќин на Европското првенство во далечинско пливање ќе биде поднесена на 2. јуни на ЛЕН конгрес во Будимпешта.

– Во Македонија и Охрид во 2020 година ќе се случи најголемиот пливачки настан досега. На 2. јуни на конгресот во Будимпешта ќе ја поднесеме апликацијата за организација на Европското првенство во далечинско пливање. Засега нема најава за други кандидати, вели претседателот на ПФМ, Александар Маленко за порталот мкд.мк.

Тој додава дека првенството ќе трае седум дена, ќе се случат три трки, на 5, 10 и 25 километри.

– Очекуваме над 300 пливачи од повеќе од 40 земји. Веќе имаме почнато преговори со хотелите кои ќе треба да ги сместат натпреварувачите во тој период. Имаме направено проекција на сите детали кои треба да се случуваат пред и за време на Европското првенство, напомена Маленко.

Покрај овој настан, Пливачката федерација на Македонија најверојатно ќе биде организатор и на Централно европското кадетско првенство во пливање кое во декември оваа годинатреба да се одржи во Скопје. Потврдата за организација на овој настан треба да биде добиена на почетокот од следниот месец.

– Организацијата на овие два големи настани е и благодарение на личното искреното и професионално пријателство со претседателот на ЛЕН, Паоло Барели и претседателот на Балканските федерации, Димитрис Саракацинас, додава Маленко. (Крај)

извор: мкд.мк фото: архива