turistiohrid

Со нови хотели, подобрена патна инфраструктура Охрид ќе го надмине Скопје во број на туристи

Охрид, 21. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Иако за многумина Охрид е главната туристичка дестинација на Македонија, сепак статистиката покажува нешто друго, па Скопје бележи поголема туристичка посетеност од Балканскиот Ерусалим.

Причината за ваквиот сооднос претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески ја гледа во капацитетите, инфраструктурата и големиот број случувања во главниот град. Тој во изјава за „Фактор“ потенцира дека со израдба на нови хотели, обнова на патиштата кон Охрид, поголемиот број дневни летови на аеродромот ќе доведе до промена на статистичката слика.

–  Трендот на зголемување на гости мора да го искористиме за да изградиме нови објекти со поубави понуди.  На брегот на Охридското езеро има детален урбанистички план за само 10% од брегот. Мора да се изработи ДУП на цел брег, да се изградат 10 нови хотели за почеток. Трговски центар меѓу Охрид и Струга, нешто како City Mall или некој Outlet како во Инџија, Србија. Сите патишта кон Охрид да се обноват, аеродромот да има десет летови дневно. Воден регулиран сообраќај на цело Охридско езеро, решавање на паркинг во двата града, Охрид и Струга, воведување на бродски линии до сите населени места на брегот, вели Блажески.

Новата туристичка сезона ни е на прагот, а најавите се оптимистички дека ќе биде многу подобра од претходаната. Ако се земе во предвид фактот што со проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ имавме одличен старт на годината, очекувањата беа надминати, па така оптимизмот за претстојната сезона по се изгледа е оправдан. Во прилог на тоа одат и најавените концертни настапи на познати домашни, балкански, но и ѕвезди од светски ранг, што значи и летово сите ќе бдиат во Охрид. (Крај)

извор: Фактор/ОхридПрес фото: архива