buskerfest

Викендов улично шоу Баскерфест во Охрид

Охрид, 7. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во петок и сабота во Охрид ќе се одржи вистинско улично шоу, караванот кој носи среќа и забава – Баскерфест 2018.

– Посетителите ќе имаат можност да проследат, но и интерактивно да се вклучат во повеќе од 20 точки на артисти од целиот свет. Ќе уживаат со акробатот  Енди Ди од Канада кој изведува акробации со помош на огромен хулахоп, ќе се забавуваат на Мистер Ф од Франција – баскер изведувачот кој ќе ги освои со џиновскиот балон, крвта ќе им се смрзне од точката на Козани и Венди од Аргентина. Со Еспума Брума која оди на јаже ќе имаат адреналиско доживување, од далечната Јапонија ќе долета Хиро-Сан, мајсторот на боречките вештини, а ќе може да го погледнат и Максимо Оптимо кој беше дел од шпанската верзија на „Јас имам талент“, со точката која предизвика бурни реакции – жонглирање со моторни пили, информираат организаторите.
Ова се само дел од интересните баскер изведувачи кои ќе настапат на Баскерфест 2018, каде што покрај стандардната програма, оваа година посетителите ќе уживаат и во многу други интерактивни и едукативни содржини. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива