Baskerfest 2018

И годинава Баскерфест во Охрид ќе понуди атрактивни точки со многу адреналин

Охрид, 8. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Многу возбуда, адреналин и атрактивни точки ќе може да види и почувствува публиката на годинашното издание на уличното шоу Баскерфест, што вечерва  и утре ќе се одржува во Охрид.

Ова е четврта година по ред како Баскерфест доаѓа во Охрид. Нашите артисти при договарањето, секогаш прво не прашуваат дали ќе дојдат во Охрид, истакна Сандра Темова од организацијата на Баскерфест.

– Настапите ќе се одвиваат на Градскиот плоштад, со почеток од 19:00 часот. Имаме интересни артисти од Аргентина, Бразил, Јапонија, Шпанија и од други земји, кои ќе понудат програма интерсна за сите возрасти. Секогаш кога се настапува во Охрид, се создава една убава енергија, како меѓу публиката,така и меѓу артистите, рече Темова.

Хиро Сан и Ферза, кои и на самата прес конференција изведоа дел од нивните точки, настапуваат низ целиот свет. За првпат се во Охрид и воопшто во Македонија и изразија желба подобро да го запознаат нашиот град.

baskerfest 2

– На овој мој прв настап во Охрид ќе приредам спектакуларно шоу со акробации, боречки вештини, кунг фу и комедија, рече Хиро Сан, баскер артист од Јапонија.

– Иако сум првпат тука, знам дека оваа земја и градот имаат богата историја, имам гледано филмови и читано книги, рече Фернандо Монтехо (Ферза) од Аргентина, кловн и акробат.

Покрај овие двајца, во Охрид ќе настапат и Џина Циркус со нејзиниот танц, Диего Алварес од Бразил, кого публиката го проглси за најзгодниот магионичар на светот,  Оде Зуле – баскер бенд од Шпанија, а публиката ќе може да го погледне и Максимо Оптимо кој беше дел од шпанската верзија на „Јас имам талент“, со точката која предизвика бурни реакции – жонглирање со моторни пили (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес