parkingohrid

Граѓаните реагираат на зонското паркирање и начинот на наплата

Охрид, 12. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве меѓу граѓаните на Охрид се` позачестена е темата околу предлог одлуката за зонско паркирање и новиот начин на наплата.

Согласно предлог одлуката за степенот на ограничување на паркирање (зонско паркирање) на подрачјето на општината утврдени се три зони: А, Б и В, а цените ќе бидат 30, 20 и 10 денари. Плаќањето ќе се врши со испраќање на SMS порака на бројот 144-644 од сите национални оператори, или со грепки.

Но, она за што најмногу реагираат граѓаните е што според нив цело градско подрачје практично е претворено во паркинг зона. За оставање на возило предвидено е да се наплаќа и на улици и во делови од градот каде тоа досега не беше случај.

Според Зоран Шикалоски од Одделението за сообраќај и улици, иако се добива впечаток дека се проширува паркинг зоната, воопшто не може ни да се размислува за тоа.

zoran sikaloski– Со воведувањето на ваквиот систем сакаме да имаме повеќе измени на исти паркинг места. Значи не одиме кон зголемување на бројот на паркинг местата, туку одиме кон воведување мерки во самото паркирање. Сега имаме случаи кога голем број возила 24 часа се присутни на паркинг местата и истите се зафатени. На некој начин со ова сакаме да го намалиме сообраќајот во централното градско подрачје, да ги дестимулираме возачите непотребно да ги користат возилата. Во втората фаза ќе одиме на тоа во стариот дел постепено да се исклучува сообраќајот, па со изградба на катни гаражи сите улични паркинг места да ги претвориме во пешачки и велосипедски патеки, а паркирањето да се врши во катните гаражи, со што на некој начин ќе го заобиколиме уличното паркирање, истакна Шикалоски.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид со став дека ја поддржуваат само идејата за имплементација на систем за електронска наплата на паркирањето, но додаваат дека се одлучно против проширувањето на паркинг зоните во Охрид.

Токму зонското паркирање и утврдувањето на цени за користење на паркинг просторите се на дневен ред на седницата на градскиот совет закажана за в четврток, по што ќе се знае како ќе се решава паркирањето во центарот на Охрид, еден од поголемите проблеми на градот години наназад. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива