Економија Избор Охрид

Формирано здружение „Чаршиски еснаф“ за заштита на правата на трговците

Охрид, 13. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид се формира првото здружение за заштита на правата на трговците. На иницијатива на педесетина дуканџии од градот, од мај работи здружението „Чаршиски еснаф“, невладино и непартиско тело кое има за цел да ги штити и застапува правата на трговците.

– Ја увидовме потребата за создавање на вакво друштво кое ќе ги штити правата на сите трговци, како и навремено детектирање на сите проблеми со кои се соочуваме во текот на нашето работење. Имавме проблеми од различен тип, но немаше кој да не застапува, затоа што треба некој официјално да застане зад тоа, изјави претседателот Маја Бакалова.

На 19-ти јуни во Големата сала на општина Охрид ќе се одржи состанок со сите трговци и ќе се предложат понатамошните планови и цели.

– Ги повикуваме сите трговци на средбата на која ќе ги презентираме нашите понатамошни планови и цели. Очекуваме сите трговци од градот рамноправно да се вклучат во донесувањето на одлуки на нашето здружение, додава Бакалова.

Во работата на здружението можат да учествуваат сите дуќанџии кои се занимаваат со трговија на текстил, обувки, козметика, накит и слично. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука