vdisiteatar2018

Започнува петтото издание на фестивалот „Вдиши Театар“

Охрид, 13. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес започнува јубилејното петто издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов „Вдиши Театар“.

– Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат и ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид, информираат организаторите.

Во рамките на четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 7 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Бар, Суботица, Требиње, Крагуевац, Битола и Крива Паланка, што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Фестивалот е во организација на охридскиот Црвен крст, а ќе се реализира во периодот од 13-ти до 17-ти јуни 2018 година.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи вечерва во предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во 21:00 часот со изведбата на претставата „Во фиока“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст – Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива