numbtribute

Одбрана охридска екипа ќе прави Tribute to Pink Floyd

Охрид, 13. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ова лето ќе се одржи премиерата на проектот NUMB – Tribute кон неповторливата музика на еден од најголемите и највлијателните рок бендови воопшто во музичката историја, легендарните Pink Floyd.

Проектот е дело на одбрана и проверена екипа охридски музичари согласни околу фактот дека „музиката е единствената работа во светот која ги обединува луѓето“.

– Колку пати сте посакале да ги гледате во живо омилените артисти, групи, изведувачи… Дел од нив се недостапни поради малиот пазар, дел повеќе не работат активно… Токму затоа, феноменот на Tribute бендови е новото големо „нешто“ во светот на Шоу бизнисот. Екипа од 11 членови – Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал), Ана Костадиновска (пратечки вокал), Сара Николовска (пратечки вокал) и Весна Илиќ Павловска (пратечки вокал) ќе изведат шеснаесет безвременски хитови на Pink Floyd, групата која го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација.

Деталите за проектот ќе се соопштат утре на прес конференција која ќе се одржи во кафе бар „Аквариус“ со почеток во 10:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива