detskikreativenkampohridpres

Детски креативен камп во Охрид, најмладите да црпат инспирација од вистинската уметност

Охрид, 14. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до сабота, Охрид ќе биде домаќин на креативен камп за музика, сцена, лично и тимско усовршување, кој ќе го одржат Дејан Лилиќ, Андријана Јаневска и Сони Петровски.

– Идејата за еден ваков креативен летен камп потекна од културно-едукативниот центар „Креатив“, односно е заеднички проект на неколку луѓе кои се активни во областа на музичко-сценските активности. Во Република Македонија има повеќе вакви кампови кои претежно се поврзани со спортот, што според мене е одлично, но добро е да се внесе и една ваква новина, односно еден ваков креативен летен камп, кој ќе се занимава со малку поинакви теми. Имаме повеќе активности, но меѓу најважните се: правилното дишење, артикулација, изговор, трема и како да се справите со трема, сцена и однос кон публика, соло пеење, пеење во група, темпо, ритам, динамика, однос кон микрофон и подигнување на личен и тимски дух. Сите теми се проследени со теорија и вежби. Всушност, ќе имаме седум работилници во текот на три дена, а секоја ќе трае по 3 часа. Ќе се одвиваат во Музичкото училиште во Охрид, каде имаме одлични услови за работа и каде 40-тина дека кои се веќе пријавени ќе можат професионално да се запознаат со теми кои не се третираат во голема мера во редовниот образовен процес. Овие седум работилници ќе ги завршиме во сабота со фестивалот „Детски свет“, вели актерот Дејан Лилиќ, кој е дел од организацијата на овој настан.

Според музичарот Андријана Јаневска, Охрид е идеално место за еден ваков камп.

– Самиот град е многу креативно место. Имаме малку време, но ќе биде сосема доволно за сите деца кои ќе се пријават. Ќе се обидеме да ги запознаеме со се` она што е важно за секој пејач – правилно дишење, опсег на гласот, правилно пеење, пронаоѓањето на вистинската боја, односот со микрофон… На сето ова ќе работиме во текот на овие денови и ќе им дадеме шанса на најмладите да добијат една ваква обука, вели Јаневска.

Организаторите се надеваат дека кампот ќе прерасне во традиција, не само во Охрид, туку и во други градови, каде ќе работат со младите. Активни во „Детски свет“ и „Креатив“ се луѓе кои значат нешто во државата. Еден од нив е Сони Петровски, композитор на забавна музика.

– Едукативниот центар „Креатива“ започна со работа пред една година и е фокусиран на неформалното образование на младите, односно поттикнување и развој на нивните таленти. Застанавме зад повеќе млади уметници, кај кои препознавме потенцијал за формирање на тинејџерска и младинска сцена во Република Македонија, кој многу ни недопстасува. Едно од тие лица е токму едно младо момче кое се вика Симеон Коруновски, кое живее во Охрид и зад него стои еден цел стручен тим кои придонесуваат во успешниот развој на неговата кариера. Симеон веќе има две песни кои се познати во македонскиот етер, учествуваше на еден Меѓународен фестивал од каде се врати со Гран при награда, снима видео спот и се надеваме дека како центар ќе поттикнеме уште вакви млади таленти, вели Петровски.

Двата проекти се начин како децата да се мотивираат да одат и во театар, балет и опера од каде ќе можат да црпат инспирација од вистинската уметност.

– Сакаме да бидат вљубеници во уметноста, преку која можат да исцрпат многу искуства кои би им користеле како уметници, новинари и активни граѓани на оваа држава, додаваат организаторите. Нашиот камп ќе заврши со тоа што на младите ученици ќе им дадеме шанса да учествуваат на фестивалот „Детски свет“ кој ќе се одржи на малиот плоштад пред ТЦ „Амам“ во сабота на 16-ти јуни во периодот од 12:00 до 15:00 часот. Испраќаме голема благодарност до општина Охрид и до сите кои даваат несебична подршка на проектот. За сите млади од Охрид учеството е бесплатно, што според нас ќе биде дополнителен мотив за сите да земат активно учество на настаните, додаваат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес