dejanlilickorner1

Лилиќ: Креативниот летен камп е одлична можност за најмладите

Охрид, 14. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до сабота, Охрид ќе биде домаќин на креативен детски камп за музика, сцена, лично и тимско усовршување, кој ќе го одржат Дејан Лилиќ, Андријана Јаневска и Сони Петровски.

Кампот ќе трае од 14-ти до 16-ти јуни, а повеќе околу активностите кои ќе бидат дел од овој три дневен настан, во емсиијата „Радио Корнер“ разговаравме со актерот Дејан Лилиќ, кој е дел од организацијата на овој настан.

Супер радио: Од каде потекна идејата и за каков камп станува збор?

Лилиќ: Идејата за еден ваков креативен летен камп потекна од културно-едукативниот центар „Креатив“, односно е заеднички проект на неколку луѓе кои се активни во областа на музичко-сценските активности. Во Република Македонија има повеќе вакви кампови кои претежно се поврзани со спортот, што според мене е одлично, но добро е да се внесе и една ваква новина, односно еден ваков креативен летен камп, кој ќе се занимава со малку поинакви теми. Имаме повеќе активности, но меѓу најважните се: правилното дишење, артикулација, изговор, трема и како да се справите со трема, сцена и однос кон публика, соло пеење, пеење во група, темпо, ритам, динамика, однос кон микрофон и подигнување на личен и тимски дух. Сите теми се проследени со теорија и вежби. dejanlilickorner2 Супер радио: Каде ќе се одвива, колку деца се вклучени на која возраст се децата?

Лилиќ: Ќе имаме седум работилници во текот на три дена, а секоја ќе трае по 3 часа. Ќе се одвиваат во Музичкото училиште во Охрид, каде имаме одлични услови за работа и каде 40-тина деца, кои се веќе пријавени ќе можат професионално да се запознаат со теми кои не се третираат во голема мера во редовниот образовен процес. Кампот се однесува на деца од 8 до 14 годишна возраст. Овие седум работилници ќе ги завршиме во сабота со фестивалот „Детски свет“.

Супер радио: Кажете ни повеќе за фестивалот „Детски свет“.

Лилиќ: „Детски свет“ е иницијатива која јас ја имав уште од лани, а продолжуваме и оваа година. Преку овој проект се прават бесплатни едукации со средношколците од цела Македонија во однос на социјални и социолошки теми, а покрај овие теми опфатени се и екологијата, сообраќајот, мотивационите говори, интервјуата итн. Сите овие активности завршуваат со еден концерт, каде што на средношколците кои имаат свои бендови им се дава шанса да се презентираат и преку овој настан можеби да произлезет некои нови музички ѕвезди. Фестивалот „Детски свет“ ќе се случува во сабота на малиот плоштад до Т.Ц „Амам“ од 12:00 до 15:30 часот. Сето ова го поврзуваме со летниот детски камп, на тој начин што децата од кампот ќе добијат шанса да настапат на „Детски свет“.

Супер радио: Кампот се случува за прв пат. Имате ли планови како тој ќе се развива во иднина?

Лилиќ: Се разбира дека цел ни е кампот да стане традиционален, со тоа што сакаме да се случува два пати годишно и во лето и во зима. Понатаму цел ни е во кампот да може да учествуваат средношколци, па дури и студенти, затоа што јавниот говор, справувањето со тремата, правилното дишење итн. се теми кои се многу корисни не само за  луѓето кои се занимаваат со уметност, туку овие теми ќе бидат и тоа како корисни и за оние кои да речеме во иднина ќе се занимаваат со бизнис и сл. Се радувам што Општина Охрид имаше слух за еден ваков проект и што тој се случува баш во овој прекрасен град.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес