Од денеска трка по медали на Медитеранските игри
Тарагона , 22. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонската спортска експедиција од 71 спортист од денеска до 1 јули во Тарагона, Шпанија, ќе настапи на 18-те Медитерански игри (МИ). Први на терените ќе се појават Петар Јаневски во стреличарство и одбојкарската репрезентација.
Македонија ќе се натпреварува во 15 спорта, три во екипна конкуренција (ракомет мажи и жени, одбојка мажи и во баскет мажи) и 12 во индивидуална конкуренција (карате, борење, тенис, таеквондо, џудо, атлетика, пливање, коњички спортови, стрелаштво, стреличарство, пинг-понг и веслање).
Најголеми надежи за освојување медали се полагаат во каратистите што последниве години редовно се враќаат со медали од најголемите европски и светски натпреварувања. Тие се и најмногубројни во македонската селекција (во индивидуалните спортови), шестмина: Емил Павлов, Ненад Келебиќ, Берат Јакупи, Жарко Арсовски, Ангела Мојсовска и Симона Заборска.
Потенцијални освојувачи на медали во Тарагона може да се бараат и меѓу борачите Раиф Камбери, Бесмир Веселовски, Магомедгаџи Нуров и Дејан Митров, како и во натурализираниот Македонец, несудениот олимпиец од Рио 2016, Словенецот Лука Заложник, кој ќе се натпреварува во коњичките спортови.
На минатите игри во Мерсин, македонските спортисти освоија пет медали. Единствениот сребрен медал тогаш го освои борачот Дејан Богданов, а со бронзи се закитија борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута.
На Игрите ќе настапат 4.000 спортисти од 26 земји, во вкупно 31 спорт. (Крај)
извор: Нова Македонија фото:архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |