Забава Избор На кафе со... Охрид

Трајчески: Се` помалку бендови ја негуваат андерграунд музиката

Охрид, 26. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Оливер Трајчески веќе десет години е дел од охридскиот панк бенд „Комунална хигиена“, а вели дека како што поминуваат годините, во Охрид се` помалку и помалку има бендови кои негуваат андерграунд култура и музика.

– Претпоставуам причината за тоа е тоа што бендовите во градот се` повеќе се фокусираат кон музиката која им носи „тезги“. Ние оваа година по втор пат го организираме настанот „United Along The Lake“ и би сакале во иднина тој да прерасне во традиционален летен андерграунд настан, вели Трајчески за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: Многу симпатично како организација ги повикувате сите вљубеници во алтернативната музика, да понесат добра енергија, морнарски капчиња, да ги наполнат телефоните и да Ви се придружат на незаборавен провод. Каде и кога е проводот?

Трајчески: Ова е втора година како го организираме овој настан „United Along The Lake“, а ќе се случува на бродот „Галеб“ оваа сабота, на 30-ти јуни. Тргнуваме во 18:30 часот, ќе настапат четири бендови, имаме четири часовна журка, промоција на албуми, еден диџеј, 10 годишен јубилеј, брод, капетан и многу панк-рок. Ќе настапат нашите „побратими“ од Белград „Жута минута“, нашите другари од Скопје „Последен Удар“, „Комунална Хигена“ како домаќини на настанот, потоа ја имаме Jenny Woo нашата гостинка од Канада  и неповторливиот Dj Bix Six ака Џабриски. Веруваме дека целиот концепт ветува одличен панк/рок/ои/ска пикник. Накратко има за секој по нешто.

olikorner2Супер радио: Преку овој настан ќе ја одбележите и 10 годишнината од постоењето на бендот „Комунална хигиена“?

Трајчески: Мислам дека не е малку еден алтернативен бенд да опстои 10 години на сцената. Во моментов работиме на нашиот четврт албум кој го насловивме „Медиумска чорба“ во кој се` е поврзано со социјалната неправда, со она што реално не опкружува, со политиката, генерално земено со неправдите кои се случуваат.

Супер радио: Текстовите на песните на „Комунална хигиена“ се провокативни, кој  ги пишува?

Трајчески: Неблагодарно е да речам дека има автор на текстовите, бидејќи тие се плод на нашите дружби и сите членови на бендот ги создаваме заеднички.

Супер радио: Каде и по која цена може да се купат влезниците за „United Along The Lake“?

Трајчески: Влезниците се со цена од 500 денари, пуштени се во претпродажба, а ги има во Music Shop „ZZ Top“. Поради лимитираниот капацитет на бродот, да напоменам дека и влезниците се во строго лимитиран број.

Супер радио: Да се навратиме на ланското издание на „United Along The Lake“. Задоволни ли сте како помина премиерното издание?

Трајчески: Со оглед на тоа што оваа година по втор пат го организираме настанот, впечатокот од минатото издане ни е екстра. Сите кои беа дел од настанот беа задоволни од позитивната енергија, па тоа за нас беше и мотив повеќе оваа година да го повториме сето тоа преку второ издание.

Супер радио: Пред некои 10-15 години во Охрид имаше многу повеќе алтернативни бендови, имаше повеќе локали кои беа нивно собиралиште, односно споредено со денес алтернативната музика и култура тогаш многу полесно „дишеше“?

olikorner3Трајчески: Ќе се сложам со тоа дека како што поминуваат годините во Охрид се` помалку и помалку има бендови кои негуваат андерграунд култура и музика. Претпоставуам причината за тоа е тоа што бендовите во градот се` повеќе се фокусираат кон музиката која им носи „тезги“.

Супер радио: Има ли во Макеоднија доволно настани кои ги обединуваат алтернативните бендови?

Трајчески: Во последно време има настани, претежно се одржуваат во Скопје, а преку лето ги има и во другите градови, но глобално факт е дека се премалку.

Супер радио: Ја следите андерграунд сцената и во останатите балкански земји. Може ли да се спореди со нашата?

Трајчески: Конкретно во Србија е неспоредлива со кај нас, таму андерграунд музиката и култура се на едно многу повисоко ниво од кај нас. Конкретно за панк и панк-рок музиката би рекол дека се светлосни години пред нас.

Супер радио: Многу бендови се појавуваат и за кратко ги снемува. Што беше мотив и инспирација која бендот „Комунална Хигеина“ го одржа во живот изминативе 10 години?

Трајчески: Со оглед на тоа што никогаш не сме ја сменале поставата на бендот, дефинитивно она што бендот го одржува во живот е другарството со Мајкл кој ги свири тапаните во бендот, со Никола кој свири гитара и Томе кој ги пее вокалите. Покрај другарството, она што не одржува во живот се и пивото, скарата, журките…

Супер радио: Какви се идните планови околу настанот „United Along The Lake“?

Трајчески: Со оглед на тоа што втора година по ред го организраме овој настан, планот ни е тој да има континуитет и да се случува секое лето. Но тоа се само планови и не би можеле да знаеме како ќе се одвиваат нештата и каков ќе биде во иднина „фидбекот“ на публиката, но и општо од медиумите и целата јавност.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука