anatolijakorner1

Арнаудоски: Идејата за NUMB – Tribute to Pink Floyd живее во мене полни 15. години

Охрид, 27. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вредна екипа од 11 музичари веќе полни 6 месеци се зафати со сериозен проект да даде нов поглед кон творештвото на една од најголемите групи воопшто во историјата на музиката, култните Pink Floyd.

Човекот од кој потекна основната идеја, гитаристот Анатолиј Арнаудоски вели дека полни 15 години во него зреела желбата да го оствари овој проект. Во „Радио Корнер“ на Супер радио денес посочи дека после се` она што ни се случува изминативе години, проектот го доживува како некој врв, како една сатисфакција со огромна почит кон култните Pink Floyd.

Супер радио: Иницијативата за овој проект – NUMB – Tribute to Pink Floyd проект доаѓа од тебе. Како дојде до оваа идеја и зошто се одлучи токму за една големина како Pink Floyd?

Арнаудоски: Самата идеја трае повеќе од 15 години, а меѓу сите музичари, мислам дека глобално во цел свет постои едно култно обожување, не само кон самата музика на Pink Floyd, туку кон техничкиот дел, односно свирењето. Беше предизвик и долго време ни требаше да се одлучиме на овој чекор, бидејќи сега самото време и самата технологија ни овозможува технички да се изведат повеќе аспекти, како визуелниот, така и аудио аспектот.

Супер радио: Колку музичари се вклучени во проектот, кога и каде ќе се случи неговата премиера?

Арнаудоски: NUMB – Tribute to Pink Floyd е закажан за 26-ти јули на сцената „Долни сарај“. Можеби најголем проблем беше да се најдат музичари ентузијасти, кои сето тоа ќе го прават од срце. Ние музичарите се познаваме и гледано од оваа дистанца мислам дека ги најдов вистинските луѓе за овој проект. Со пробите започнавме од Нова година и отприлика некаде до месец февруари јас знаев дека ги најдов вистинските луѓе за овој проект. Зад проектот стои екипа од 11 музичари, кои се веќе добро познати во јавноста. Во проектот јас свирам гитара, а во екипата се и: Димитри Алчев (гитара и вокал), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.

Супер радио: Во колку и во кои безвремени хитови на Pink Floyd ќе ужива публиката на „Долни Сарај“?

Арнаудоски: На почетокот во план ни беа 10 теми, но на крај листата се прошири на 16 теми. Сакавме да покриеме цел опус на Pink Floyd од сите позначајни периоди. Тука ќе се „Another brick in the wall“, „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“ итн.

anatolijakorner2Супер радио: Никола Јосифоски е човекот кој ги свири клавијатурите во овој проект. Што е она што тебе те натера да се вклучиш во овој проект и што генерално те фасцинира во музиката на Pink Floyd?

Јосифоски: Искрено најмногу ме инспирираше техничкиот предизвик. Пред да почнам да го свирам сето тоа, за мене беше скоро невозможно да се инкорпориираат сите тие звуци на инструментот кој јас го свирам, односно клавијатури. Со тек на време, откако почнавме, па до денес, со доста напорна работа, мислам дека успеавме да доловиме барем 90 проценти од сите оние звуци кои Pink Floyd ги креираше. На секоја нова проба, со секое ново слушање откриваме нови звуци, а сите тие се многу важни за самите песни да звучат комплетно, секое ѕвонче, секоја птица, секоја мала секвенца е многу важна и мило ми е што успеавме да ги слушнеме, да ги откриеме и да ги примениме во самите песни.

Супер радио: Што е она што те фасцинира во музиката на Pink Floyd?

Арнаудоски: Ако се ставиме во улога на Roger Waters кога го подготвувал албумот „The Wall“, целиот овој притисок кој сите го чувствуваме од социјален, па и од сите други аспекти, како е тоа претставено на самиот албум? Нели, она мало розево човече кога на крај сите цигли паѓаат, тој станува нов хуманоид. Така да после се` она што ни се случува изминативе години, ние ова го доживуваме како некој врв, како една наша сатисфакција, со огромна почит кон неповторливите Pink Floyd.

Супер радио: Веројатно на пробите разговарате и кроите некои планови како овој проект ќе се развива во иднина?

Арнаудоски: Веќе имаме некои понуди од пријатели со кои комуницираме и кои се во оваа работа, имаме понуди за претставување на проектот во Бугарија есенва или малку подоцна, но сепак прво ова треба беспрекорно да го спакуваме и да го изведеме премиерно летово во Охрид, па за натаму ќе видиме. Во секој случај NUMB – Tribute to Pink Floyd не е проект кој ќе живее само во нашите граници, веруваме дека ќе заживее и надвор од нив.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес