deskoskaohrid

Дескоска: Личниот интегритет е клучен за функционирањето на системот

Охрид, 2. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерката за правда Рената Дескоска денеска се обрати на третата сесија на Охридската школа на природното право на тема: Добро управување и правни реформи, организирана од Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науката и уметностите.

Според министерката Дескоска, еден од клучните елементи на концептот на владењее на правото се човековите права.

– Ние поминавме еден тежок период во Република Македонија којшто во меѓународните извештаи е запишан како систематско газење на човековите права. Ги видовме релевантните извештаи во кои се наведени примерите на масовоно прислушување, слободата на изразување беше сериозно загрозена и беа кршени човековите права и беше повредено човековото достоинство. Ние сега треба да ги обновиме механизмите коишто ќе овозможат ефикасна заштита на човековите права во нашето секојдневно живеење, рече Дескоска.

Според неа, другиот битен елемент кој го сочинува мозаикот на владеење на правото е супрематијата на Уставот.

– Видовме дека Уставот досега беше лист хартија кошта се газеше и не се почитуваше – заложбата на новата Влада е Уставот да биде свето писмо кое треба да го имплементираме во секојдневното живеење. Како правник и како министер сега, слушам различни прашања деновиве за тоа дали можеме со Законот за референдум да го менуваме цензусот за референдумот? Не може, затоа што цензусот е уставна категорија. Ако се залагаме за владеење на право и почитување на Уставот не можеме да менуваме нешто што е изрично уставно загарантирано, потенцираше Дескоска, која додаде дека Уставот е донесен со поширок консензус и како таков тој треба да и ги врзе рацете на секоја власт којашто во момент ќе посака да излезе од неговите рамки.

Дескоска потоа се осврна на нарушувањето на поделбата на власта. Сега во овој момент имаме нарушување на системот поделбата на власта од страна на претседателот на државата. Кога тој со своите активности агресивно се меша во законодавната власт непочитувајќи го Уставот кога ќе биде отфрлено ветото, тогаш има нарушување на принципот – рече Дескоска, дадавајќи дека никој не смее да биде над Уставот.

Уставниот суд, според Дескоска е многу важен орган во остварувањето на супрематијата на Уставот, но според министерката за правда, истиот е ставен на маргините затоа што граѓаните не наоѓаат поддршка во неговото секојдневно работење како инстутиција која ги штити човековите права.

– Кога ги гледаме сите инстутиции во рамките на нивната улога во системот на владеење на правото доаѓаме до еден клучен елемент – интегритетот на луѓето. Вие со личниот пример кажувате дали сте ориентирани кон владеење на правото и почитување на законите, кон чесно работење. Секогаш личниот интегритет е оној кој што е клучен и овозможува системот да функционира како што треба или обратно, истакна Дескоска.

Охридската школа на природното право овозможува развој и соработка на студенти на државните и приватните факултети но и обука за важни и клучни институти и невладини организации за правилна примена на законските решенија што претставуваат новина и напредок во реформирањето на правото преку предавања и размена на искуства и вештини. Целта на оваа сесија на Охридската школа е научно оспособување и усовршување на 20 студенти на последипломски студии и 5 студенти на докторски студии од правните факултети во рамките на државните и приватните универзитети во државата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива