kameleonkorner1

Василески: 20-те години работа на „Камелеон“ ќе ги одбележиме со концерт кон крајот на годинава

Охрид, 5. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Неговото име е Драган Василески, а охриѓани најмногу го знаат како Пајче, а особено како вокалист на бендот „Камелеон“.

Во „Радио Корнер“ на Супер радио денес зборувавме за 20 годишнината од првата свирка со групата, за се` она што го одржа бендот активен годиниве наназад, за вториот албум, за концерт во најава, за моменталната состојба на македонската музичка сцена итн…

Супер радио: Комплименти за песната „Еден ден“, кај нас на Супер радио се` уште една од омилените. И спотот носи прекрасна приказна. Како настана оваа песна?

Василески: „Еден ден“ се појави по подолга пауза во креирањето на авторска музика, период во кој повеќе бевме посветени на свирки во живо низ локалите. За нас како бенд оваа песна е особено значајна, затоа што во спотот се мешаат две генерации на „Камелеон“, главната улога ја има Андреа, ќерката на нашиот гитарист Тони Јованоски, во спотот се појавува мојата ќерка, ќерката на Петар и деца на многу наши пријатели. Дел од тексот го напиша Марина, внуката на Роберт Милески, кој е комплетен автор на композицијата. Спотот носи прекрасна прикана која ја изработи Даниел Јовески.

Супер радио: „Еден ден“, како и сите други Ваши песни го носи оној личен печат кој го создававте низ годините.  Премиерно ја изведовте лани на „Охридски трубадури“, имате ли годинава на агенда некој фестивал?

Василески: Искрено немаме фестивалски планови. Годинава на покана на организаторот настапивме во ревијалниот дел на „Канео Фест“. Во следниов период повеќе ќе бидеме преокупирани со настапи низ локалите, со проби и креирање на нова музика.

Супер радио: Значи ли тоа и дека подготвувате материјал за втор албум?

Василески: Со албумот малку поспоро ни оди, но ако не цел албум, се надеваме дека ќе извадиме неколку нови песни, две, а можеби и повеќе.

Супер радио: Има ли некоја песна на „Камелеон“ која ја свирите со особено задоволство?

Василески: Во последно време можам да кажам дека тоа ни е последната песна „Еден ден“, бидејќи после долго време зазвучевме со нешто добро. Инаку сите членови на „Камелон“ си имаат по некоја омилена песна, не мора да значи дека таа е наша, но тоа варира и зависи од расположението и публиката. Мене лично најомилена ми е „Љубовна“, која одамна беше промовирана токму кај Вас, на Супер радио.

kameleonkorner2Супер радио: Очигледно дека квантитетот на песни не ви е во прв план, но кога станува абор за квалитет мислам дека нема кој не ги знае од почеток до крај безвремените „Не заборавај“, „Добро утро таго“, „Дај ми љубов“, „Небо мастило“ итн. Ќе имаме ли можост да ги слушнеме во концертна верзија?

Василески: Да, концерт ќе има. После 20 години, тоа ќе биде нашиот прв концерт и веќе ги правиме подготовките и организацијата околу тој настан. Точниот датум се` уште не е утврден, но можам да кажам дека ќе се случи на крајот на оваа година. Планираме тоа да биде концерт со добро светло, добро озвучување и добро расположена публика.

Супер радио: Оваа година е јубилејна за „Камелеон“, 20 години од нашиот прв јавен настап. Како и кога се роди бендот?

Василески: Низ локалите во Охрид и низ Македонија свирев и пред 22-23 години, но тогаш се викавме „Лево ќоше“. Авторска музика и тогаш имавме, но не ни беше промовирана. Името „Камелеон“ се роди со нашиот прв настап на телевизија и оваа година прославуваме точно 20 години од тој момент, односно 20 години естрада. „Камелон“ всушност се роди како спојка од два бенда, од рок бендот „Герузија“ од каде ни дојде Роберт и првиот наш тапанар Оливер, а јас, Тони и Коки дојдовеме од бендот „Цагер“, додека Петар ни се приклучи подоцна.

Супер радио: Многу бендови се појавуваат и за кратко време ги снемува. Што мислиш, што е она што „Камелеон“ како бенд го одржа на сцената сите овие години?

Васлиески: Мислам дека тоа се нашите свирки во живо кои не одржуваат активни. Можеби повеќе време имаме поминато со проби и свирки, отколку што имаме поминато време дома, така да мислам дека и другарството меѓу нас е она што „Камелеон“ го одржа во живот.

Супер радио: И пред крај, каков е Вашиот впечаток за моменталната состојба на македоснката музичка сцена?

Василески: Да бидам искрен, јас нешто особено не ја пратам македонската сцена. За жал можам да констатирам дека во последниве неколку години како хитови останаа само неколку песни. Излегоа многу инстант хитови, но се` поретко излегува нешто што трае и во годините пред нас.
bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес