beach_film_festival_640x360

Наскоро „Бич филм фестивал“ во Охрид

Охрид, 8. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од 19-ти до 22-ри јули, Охрид ќе биде домаќин на првиот „Бич филм фестивал“ на европски филмови. Станува збор за нов концепт на фестивали, на плажа под ѕвездите, со филмското платно во водите на Охридското Езеро.

Фестивалот ќе се одвива на неколку локации низ Охрид, а главната програма ќе се реализира на плажата „Оревче“.

– Ова е прв фестивал од овој вид во Македонија. Програмски, фестивалот е поделен на три сегменти – филмска програма, едукативна програма и интермедијална програма. Филмската програма ќе опфаќа нови европски филмови. Некои од филмовите тука ќе ја имаат својата светска премиера што претставува одлична можност да се видат првпат кај нас. Ќе има и селекција на детски филмови, најавува Ана Опачиќ, директорка на фестивалот.

За филмовите од официјалната селекција предвидени се награди со назив „Голем бран“ за долгометражни и „Мал бран“ за краткометражни филмови. За изборот на најдобар филм ќе биде задолжено стручно жири составено од докажани имиња од филмската индустрија (Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска).

beach film festival 2– Едукативната програма се состои од три работилници за деца и млади, работилници за актерска игра, филмска едукација и фотографија. Исто така во рамките на програмата „Креативна Европа“ ќе одржи тридневна панел-дискусија на која ќе учествуваат десет претставници на програмата „Медиа“ од Европа и од Балканот. Во рамките на фестивалот ќе се одржи и конференција од областа на образовниот систем, која ќе биде наменета за наставници и професори од основните и од средните школи, а модератори ќе бидат професори и истражувачи од земјите на Европската Унија и на Балканот. Панел-дискусија ќе одржи и директорката на хрватската кастинг-агенција „Дуарт“, наменета за студенти по актерска игра и професионални актери, кои вториот ден од панелот ќе имаат и можност да станат членови во нивната „Европска платформа за актери“, вели Опачиќ.

На крајот од дневните фестивалски активности и вечерните филмски проекции, секоја вечер на полноќ на плажата Оревче ќе има забавна програма, концерти и настапи на докажани домашни и интернационални бендови, изведувачи и диџеи. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива