struskiknizevnisredbi2018

Заврши книжевната манифестација „Струшки книжевни средби 2018“

Охрид, 8. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со поетско-музички хепенинг, одржан во селото Црвена Вода, во Дебрца, вчера заврши годинешната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби 2018“.

Општина Дебрца беше домаќин на поетите, учесници од Република Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија, Германија и Словенија. При посета на селото Белчишта гостите беа пречекани од страна на градоначалникот Зоран Ногачески, кој во своето обраќање упати поздрав до присутните гости-поети, како и до двајцата пратеници во Собранието на Република Македонија Жаклина Лазареска и Илија Николоски. На средбата во Белчишта беше и градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски.

Книжевната манифестација „Струшки книжевни средби“, во организација на Културниот центар „Бран“ и ревијата „Бран“ од Струга, под будното око на писателот Петко Шипинкароски, на овој начин, од скромен почеток, прерасна во атрактивна регионална маниестација, со настани во 4 града од регионот.

По кратката презентација за карактерот на општина Дебрца, следеше видео проекција за природниот резерват „Сини Вирој“ и заедничка посета на Интернационалната Колонија за ликовна уметност и Ликовната галерија во село Белчишта. Групата подоцна се упати кон селото Црвена Вода, каде беа посетени родната куќа и „Спомен собата“ на писателот Ванчо Николески, родоначалник на македонската литература за деца, односно спомен собите на НОБ и ПОМ.

Пред историска зграда, седиште на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во Втората светска војна, за настаните во селото во 1943 година, зборуваше претседателот на Ветераните од Охрид, полковник Добре Вељаноски, кој им ја презентираше и „Спомен собата на НОВ и ПОМ“, односно Главниот Штаб на народната војска, воден од генерал Михајло Апостолски. Во Црвена Вода, учесниците и присутните гости, имаа можност да го погледнат и изборот од вредните дела на реномирани ликовни уметници–учесници на Ликовната колонија „Дебрца“, меѓу кои: Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски, Петар Мазев и многу други, кој им го приредија основачот на Колонијата Ѓоко Целески и светски познатиот сликар Јордан Манасиески и самите присутни на настанот.

На самото место, на мини „ликовната колонија“, свои ликовни дела создаваше познатото уметничко и брачно дуо: Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, единствени, како такви, на Балканот. Поетите, членови на здружението „Бран“ од Струга и „Седумка“ од Франкфурт на Мајна, Германија, како и оние од Хрватска, членови на „ХKД“ од Задар и „Ритам мисли“ од Вараждин, ги поздрави амбасадорот Љупчо Арсовски, член на невладиното здружение Македонско-хрватска Тангента, соорганизатор на настанот.

Селаните, на настанот го поканија и познатиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Охрид, Никола Матлиески-Пашата, кој своевремено помогна да се изгради патот до селото Црвена Вода. Градоначалникот на Дебрца, Ногачески, претседателот на Собранието на ДПМ, професор д-р Христо Петрески и поетот, член на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, Мајо Даниловиќ, кој истовремено го води Одделот за Балкан и словенскиот свет при Академијата, со седиште во Верона, Италија, го открија спомен побележјето во родната куќа на писателот Ванчо Николески, каде се читаше детска поезија. На крајот, учесниците имаа можност да ги почувствуваат вкусовите на традиционална македонска софра, подготвена од жителите на селото, а сето тоа пропратено со прекрасната поезија на присутните поети. За крај, до сите присутни гости, лична благодарност упати и градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески, со желба ваквата манифестација да доживее уште многу години и средби, како оваа во Црвена Вода, која заврши со песни и оро, инспирирано од познатиот белчишки гајдаџија Целе Блажески, облечен во народна носија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива