ohridskoletologo2018

Повеќе од 800 уметници годинава на „Охридско лето“, сè е подготвено за старт

Охрид, 8. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Сè е подготвено за претстојните 40 дена возбуда што пред бројната фестивалска публика ќе ја донесат повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации, вели за МИА директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, потенцирајќи ја посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим.

Завршени се сите подготовки за да бидат достојни домаќини на бројните уметници и вљубениците во уметноста, а целосно се заокружени и активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што се одржуваат настаните од 12-ти јули до 20-ти август.

Санирано е гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“ и скалите на најголемата и најатрактивната фестивалска сцена – Античкиот театар, каде по традиција се одржува отворањето на фестивалот. Според Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како проект што ќе се реализира од следната година е изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

ohridskoleto2– Охрид како град е сцена каде можат да се реализираат настани од фестивалската програма. Монтажното гледалиште ќе ни овозможи да имаме настани насекаде низ градот. Исто така, планираме следната година да аплицираме до Министерството за култура во рамките на програмата за инвестиции и за монтажна сцена. „Охридско лето“ е нашата најголема манифестација и заслужува да ги има сите потребни услови за врвни настани, истакна Вренцовска.

Отпочната е и процедурата за реконструкција на сцената „Долни Сарај“, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари. Со негова реализација ќе бидат санирани сите оштетени делови, како на самата сцена, така и на гледалиштето и на целиот простор околу локацијата. Со тоа Охрид и фестивалот ќе добијат уште една, можеби и најатрактивна сцена, што ќе ги задоволува сите барања на уметниците и на самата публика.

– За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската фестивалска асоцијација продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски  фестивал, рече Вренцовска.

ohridskoleto1Честа да го отвори годинашното фестивалско издание и припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која во четврток, 12-ти јули, на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Николае Молдовану.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот институт ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер, кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија во Скопје. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников… Од концертите наменети за пошироката публика се издвојува настапот на казахстанскиот камерен оркестар „Академи оф солист“. (Крај)

извор: МИА фото: архива