nurkaci

Нуркањето, сé поатрактивен дел од туристичката понуда на Охрид

Охрид, 9. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид како туристичка дестинација ги следи светските трендови, па во понудата се повеќе се вклучени алтернативните форми на туризам.

Покрај сонце и плажа, што се својствени за местата покрај вода, туристите за време на одморот сакаат слободното време што поквалитетно да го исполнат. Тука секако е посетата на културно-историските знаменитости, спомениците на културата, црквите и манастирите низ Охрид и околината.

Но, она што особено последниве години станува сé поатрактивно е нуркањето.

Според меѓународниот нуркачки инструктор од клубот „Амфора“, Јован Секулоски нуркањето не е компетитивен спорт, па може да го применуваат лица на возраст од минимум 8 години, а горна граница нема.

nurkacka oprema

– Има програми за почетници, тие што пробуваат за прв пат. Нив им се прави кратка обука, мал вовед од 15-на минути каде им се објаснува основата на опремата, како ќе се движат под вода, како ќе се комуницира, каде ќе се нурка и што притоа ќе може да се види. Потоа се комплетира нуркачката опрема и заедно со инструктор се влегува кај археолошкиот локалитет Залив на коските – Музеј на вода каде и се наоѓа нашиот нуркачки центар. Најстариот турист кој се вдаде во ваква авантура имаше 74 години, потенцира Секулоски.

jovan sekuloski

Со лебдењето и дишењето под вода вие сте надвор од својот елемент и сето тоа го зголемува нивото на возбуда. Нуркањето трае  30-40 минути, што според Секулоски е сосем доволно, како не би се изгубила смислата.

Секулоски вели дека покрај рекреативното нуркање, односно екскурзиите под вода, се нуди и програма за обука.

– Преку школата за нуркање секој може да се едуцира и да постане автономен и сертифициран нуркач. Обуката трае три до пет дена доволна за човекот да стане едуциран и да има вештини за подлабоки нуркања, истакна Секулоски.

Туристите и рекреативците се заситени од секојдневието и сакаат некоја промена, а нуркањето го нуди токму тоа, откривајќи го подводниот свет и тајните на Охридското езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес