belanok2018

Старт на сезоната со „Бела ноќ“, специјален гостин германскиот Суперстар DJ Tomcraft

Охрид, 9. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со годинешното издание на манифестацијата „Бела ноќ“, проект кој се подготвува повеќе од четири месеци, во сабота на 14-ти јули ќе се одбележи официјалниот старт на главната туристичка сезона во Охрид.

– За оваа година е предвидена исклучително богата програма која е надеваме дека ќе биде достојна најава за она што не очекува во текот на летото. Ќе започне во 18:00 часот со настап на локални Дџ-и, по што во 21:00 часот ќе има поздравен говор од страна на Градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски на Градскиот плоштад, со што и официјално ќе биде отворена годинешната „Бела ноќ 2018-та“. Потоа следува уште еден блок музика, по што околу 21:30 часот ќе започне концертот на Масимо Савиќ, кој ќе биде пренесуван директно на видео бим на главната бина на Градскиот плоштад. Веднаш по концертот на Масимо ќе продолжи забавата на главната бина со Дџ сет на Dj Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на Dj Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар DJ Tomcraft. За afterparty забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules. За цело време на настаните ќе имаме забава и со Баскер уметници кои ќе дадат свој печат на вечерта, информираат од општина Охрид.

Она што ќе биде исклучително интересно е и самата поставеност на бината, која ќе биде во водите на езерото (на брод). На бината ќе има видео бим и соодветно озвучување.

– Украсувањето на стариот дел од градот ќе биде соодветно и ќе се одбележи целата патека со бели траки и соодветен промо материјал од Антички театар до плоштадот каде продолжува забавата и сите патишта од стариот дел на градот ќе водат до центарот каде ќе биде главниот дел од програмата. Основната идејата е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма. Како задолжителен елемент за надополнување на впечатокот да бидат и настапите на Баскер уметници, огномет и пропратни пиротехнички активности, додаваат од охридската локална самоуправа.

Тие апелираат на разбирање до граѓаните на Охрид, особено на оние кои живеат во стариот дел на градот.

– Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, градот да живее во еден здив и со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува името – најголемиот туристички центар во државата и многу подалеку. За да се промовира максимално и овој настан ќе спроведеме комплетна маркетинг кампања за промоција на настанот. Ова е само најава за она што не очекува во текот на ова лето. Ако не послужи времето и се исполнат најавите, ова лето ќе се памети долго и во делот на понудата и во делот на посетеноста, информираат организаторите. (Крај)

извор: општина Охрид фото: општина Охрид