Димитриевски – Нова туристичка понуда: „Дојдете во Охрид да видите како уништивме блато старо милиони години“

Охрид, 8. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – И понатака продолжува една од најконтраверзните појави во Охрид во последно време. Имено одредени личности и структури продолжуваат да „го бранат Студенчишкото Блато“, но никако да разбереме од кого и од што? Но претпоставуваме зошто.

И додека истото тоа блато кое постоеше со сите нишани како функционален екосистем се уништуваше безмилосно и бескрупулозно секојдневно пред нивните очи, овие исти луѓе никаде ги немаше. Сега кога на истата локација ама баш ништо не се случува – тие се бореле за негова заштита. Од кого, од што? И добро е, треба да се порасне, и треба да се бориш за заштита на човековата околина, и добро е, и треба да правиш напори да ја подигнуваш еколошката свест на заедницата, и добро е, и треба да се грижиш за зачувување на природните ресурси. Но комично е кога во време кога овие вредности се уништувале ти си молчел и тоа воопшто не ти пречело, и наеднаш во даден момент денес почнуваш „да се бориш“ за валоризација на тие вредности тогаш кога не се загрозени. За жал не сум само сигурен дали е ова комично или трагикомично?! Но има нешто што се вика континуитет на таквите напори – „За кого е ова, е голема дилема“?

Ни тогаш ни сега не ги поддржавте (можеби тогаш бевте малолетни, но сега пораснавте и станавте мало…), само опструкции правите, за да си ги прогурате бизнис идеите. И да развивате нова туристичка понуда „Дојдете во Охрид  за да видите како успеавме да уништиме блато создадено пред милиони години, а успеавме да изградивме развојна туристичка зона (згради). Другите хотели ни се празни, но овие ќе бидат полни зошто се изградени на блато постаро од милион години, се додека езерото не толерира и само не си го поврати она што му го одзедовме. Дојдете во Охрид, на блатото старо милиони години направивме „инфракт“ асфалтна патека и тоа  со ширина од 16 метри со која можеме да се пофалиме дека е уникатна, а имаме и добри кардиолози ако ви затребат, на почетокот ќе имате единствена можност во светот да поминете низ милитарна зона и тоа од една страна полиција, од друга армија, а сега ќе направиме и царина“.

Наместо да се ревилтилизира блатото, и каналот од кај рибарите да се прокопа до Славија и да се направи идеална патека за европски и светски натпревари во кајак, веслање, едрење и риболов кои многу ќе допринесат празните охридски хотели да бидат исполнети надвор од екот на туристичката сезона. Дојдете да видите како еден блатен екосистем преку ноќ се распарчи на приватни парцели, а сега тоа можеме да го направиме и на едно од најстарите езера во светот (кога може со блатото зошто да неможе и со езерото и реките) и како сме упорни овие узурпатори  на блатниот еко систем да си ги реализират бизнис идеите.
И за крај, доколку е еден проект за ревитализација на блатото е изводлив, ако е финансиски издржан и ако е долгорочно одржлив, онака како што и се ветуваше во изборна кампања, треба безусловно да се поддржи, тоа е туристичка понуда! Или, можеби се работи за нешто друго!?

Радован Димитриевски, ЗРРСК „Св. Апостол Петар

0465zaednicka

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во петтиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на април до крајот на мај 2015 година, ќе пишуваат и дебатираат новинарот Филип Јовановски, вљубеникот во природата Петар Бафчанџиев и Радован Димитриевски од ЗРРСК „Св. Апостол Петар“.