platforma-za-nafta

Штрајкуваат работници на нафтени платформи во Норвешка

Осло, 11. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Стотици работници на нафтени и гасни платформи во Норвешка почнаа штрајк по одбивањето на предлог-договорите за платите.

Тоа предизвика прекин на работата на нафтено поле, управувано од холандско-британскиот Ројал Дач Шел и влијаеше за скок на цената на „брент” нафтата.

Непосредно по полноќ, кога истече рокот за постигнување на договорот, државниот медијатор во спорот меѓу двата синдиката (Safe и YS) и Здружението на бродосопственици соопшти дека преговорите се завршени неуспешно.

– Ставовите на двете страни беа толку различни така што претставувањето на некој предлог кој би можел да се препорача и на едната и на другата страна немаше смисла – изјави медијаторот Карл Петер Мартинсен.

Околу 670 работници ќе бидат во штрајк, а од недела на полноќ ќе им се придружат уште 901 работник, ако спорот не се реши, се наведува во писмото на здружението Safe, упатено до Здружението на бродосопственици.

На протестите може да се приклучат вкупно до 2.250 работници.

Синдикатот „Индустри Енерџи”, кој го претставува најголемиот дел од норвешките нафтени работници, претходно оваа година склучи договор за платите со Здружението на бродосопственици.

Цената на северноморската нафта „брент” денеска на берзите порасна за 0,8 отсто на 78,70 долари по барел, по вчерашниот скок од 1,2 отсто. (Крај)

извор: МИА фото: архива