svnedelakojnsko

Во четврток ќе се прослави празникот Св. Недела во селото Долно Коњско

Охрид, 12. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денот посветен на Светата Великомаченичка Недела, во четврток, на 19-ти јули, во црквата Св. Недела во селото Долно Коњско, ќе се прослави со посебна програма и народна веселба.

Црковниот одбор организира прослава, на која годинава присутните ќе ги забавува познатиот фолк пејач Спасен Силјаноски и фолк пејачката и гајдаџика, Елена Јовческа. Забавата ќе започне во 21:00 часот.

Следниот ден, во петок, на 20-ти јули, во црквата Света Недела ќе се служи света литургија, со почеток во 07:30 часот. Со литургијата ќе чиноначалствува парохискиот свештеник отец Атанас Казанџиски. Се повикуваат сите верници од Коњско, Охрид и околните места, па и пошироко на заедничко прославување на овој празник.

Црквата Св. Недела во селото Коњско започна да се гради во 2007 година по иницијатива на Црковниот одбор, според проект на директорката Завод и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска, а се изгради со донациите на локалните жители, како и жителите од пошироката околија. Храмот беѓе осветен на 13-ти јули 2014 година, на празникот Собор на Светите славни и сефални апостоли – Павловден. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: WebOhrid