SMS

„Бомба“ од Италија: Мендеш го носи СМС на местото на Роналдо во Реал за 100.000.000 евра!

Мадрид, 12. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Најмоќниот фудбалски менаџер на светот Жорж Мендеш беше најзаслужен за трансферот на Кристијано Роналдо од Реал во Италија, а сега работи на трансфер во обратна насока за истите пари.

Последните вести од Италија гласат дека Мендеш започнал операција за доведување на Сергеј Милинковиќ Савиќ во Реал Мадрид за сума од 100.000.000 евра, јавува Џанлука Ди Марцио.

Најпознатиот новинар во светот на фудбалскиот пазар синоќа откри дека Мендеш по завршениот трансфер на Роналдо се насочил кон Милинковиќ Савиќ и дека веќе ги направил првите чекори. Иако српскиот репрезентативец го застапува Матеја Кежман, Мендеш како најголемо име во светот на фудбалските менаџери влегол во приказната поради добрите врски кои ги има во двата клуба и бројните големи трансфери кои досега ги завршил. Се наведува дека Португалецот во претходните денови при усогласување на последните детали околу транферот на Роналдо започнал разговори со Реал околу Сергеј и добил сигнал дека „Кралевите“ се заинтересирани.

Реал е само еден од големите клубови кои се споменуваа како можни купувачи на играчот на Лацио. Покрај „Кралскиот клуб“, се шпекулираше дека заинтересирани се Јунајтед, Јувентус, ПСЖ, Сити и Барселона. Сити прв отпадна од трката и се одлучи за поинаков тип наиграч. Јувентус се откажа кога започна приказната околу Роналдо, Барселона не сака да плати повеќе од 80.000.000 евра, додека Јунајтед не успеа да го продаде Погба. Остануваат Реал и ПСЖ каде трансфер бомбите допрва ќе пукаат по лавината која ја покрена Роналдо.

Мендеш добил зелено светло од Реал да започне преговори со Римјаните. Газдата на Лацио Клаудио Лотито на почетокот бараше 150.000.000 евра за Србинот, но ситуацијата се промени, дел и поради слабите изданија на српскиот играч за врска на Мундијалот во мечевите со Швајцарија и Бразил. Кога сфати дека игра ризична игра и дека бара премногу пари, Лотито почна да ги намалува барањата. Ди Марцио јавува дека мендеш има овластување од Мадриѓаните да му достави понуда на Лацио од 100.000.000 евра. Римскиот клуб во овој момент нема подобра понуда за Сергеј од таа и на Лотито е да прифати или да одбие.

Португалскиот Суперагент успешно го заврши многу покомплицираниот трансфер на Роналдо во Италија, така што останува простор за оптимизам дека од спротивен правец за исти пари ќе успее да го доведе Сергеј. Олеснителна околност е што српскиот играч за врска навива за Реал Мадрид и претходно ги истакнуваше „Кралевите“ како негов омилен клуб, така што неговите барања веројатно не би биле проблем ако дојде до договор меѓу двата клуба. (Крај)

извор: Спортклуб фото: архива