presbelanok

Стојаноски: Градот ќе живее во еден здив, со „Бела ноќ“ ја стартуваме новата туристичка сезона

Охрид, 13. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Викендов сите патишта ќе водат кон Охрид, со музика и настани за сите генерации и вкусови со манифестацијата „Бела ноќ“ и официјално ќе биде означен почеткот на главната туристичка сезона.

Основната идејата е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма. Програмата ќе започне во 18:00 часот, на кружниот тек пред градското пристаниште со Исмаил Луманоски и неговиот бенд, по што ќе следи настапот на Влатко Лозаноски, како дел од генералната прослава за добивањето покана за влез во НАТО, што е во организација на Владата на Република Македонија, истакна градоначалникот Јован Стојаноски.

– Музичкиот дел од манифестацијата „Бела ноќ“, започнува во 19:30 часот на улица „Коста Абраш“, пред градското пристаниште, а сцената ќе биде на брод во самото пристаниште и ќе почне со настап на локалните диџеи, по што во 21:00 часот симболично ќе биде означен почетокот на летната туристичка сезона. Потоа следува уште еден блок музика, по што околу 21:30 часот ќе започне концертот на Масимо Савиќ, кој ќе биде пренесуван директно на видео бим на бината  кај кружниот тек. Веднаш по концертот на Масимо ќе продолжи забавата на кејот со сет на Dj Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на Dj Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар – DJ Tomcraft. За afterparty забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules, рече Стојаноски.
Oколу она што е ново и уникатно, бината на брод, градоначалникот рече дека се работи за пилот проект кој доколку ги оправда очекувањата ќе влезе во буџетската програма за идната година, па Охрид ќе има и ваква сцена.

Има голема гужва за Охрид, што покажува дека стартот на туристичката сезона е добро испланиран од страна на локалната, потенцира Бобан Милошески од Авалон продукција.

– Од аспект на мојата работа тврдам дека тие три дена и таа недела од цела Европа ивент фестивал на такво ниво има само на Балатон во Унгарија. Да се донесат такви имиња овде е нешто слично како на стадионот да има натпревар на Реал Мадрид и Барселона. Сакам да апелирам до граѓаните, бидејќи за нешто да добие градот, нешто мора и да изгуби, мора да има толеранбција за тие настани гужви и гласна музика кои ќе се случуваат, сепак е туристичка сезона, а Охрид не е бањско место. Мора сите да го дадеме најдоброто од себе за оваа година градот во сите сегменти да оди класа погоре. Во однос на полаките на граѓаните, но тие што доаѓаат специјално за настапите на диџеите доаѓаат да се забавуваат до раните утрински часови, како на Ибица или Миконос, тука не можеме ништо да промениме. Тука градот мора да има толеранција. Тоа се тие 4-5 дена во годината кога и самиот профит на градот е поголем отколку во останатите месец дена. Охрид има убав туризам, ама слоганот „СИТЕ ВО ОХРИД“ е измислен туристички слоган за да привлече масовност кај помладите генерации, кои сакаат да се забавуваат, истакна првиот човек на Авалон продукција, кои во рамките на проектот „Бела ноќ“ утре на Антички театар го носат познатиот Масимо Савиќ.
Освен Белата ноќ како увертира во официјалната сезона, ова лето во Охрид ќе настапат Zucchero на Антички театар на 25-ти јули, NUMB – Tribute to Pink Floyd на „Долни сарај“ на 26-ти јули,  Северина на 27-ми јули, а ден подоцна и Цеца. Најавени се и концерти на Каролина Гочева, Владо Јанески, Синтезис, Влатко Стефаноски и уште многу други кои ќе бидат дел од многуте изведувачи кои ќе настапат летово во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес