izvidnici skrebatno

Отворена 12-та Македонска извидничка смотра во Скребатно

Охрид, 16. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во прекрасниот амбиент на охридското село Скребатно вчера свечено беше отворена 12-та Македонска извидничка смотра, која ќе трае до 22-ви јули.

Учество ќе земат над 1 000 извидници од Македонија и од 15 други земји: Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Израел, Молдавија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Франција, Хрватска, Црна Гора и Чешка.
Настанот се одржува на секои пет години, а се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

Skrebatno_izvidnici_01

Посетителите ќе можат да ја посетат смотрата секој ден од 10:00 до 19:00 часот, каде ќе можат да се запознаат со извидничките вредности и со културите на извидничките одреди ширум Европа.

Ќе бидат реализирани над 100 работилници, поделени во четири области: извиднички вештини, природа и авантура, забава и предизвици и култура и традиција.

– Самата локација и теренот нудат голем број на можности за извиднички авантури и забава. Планинскиот терен и околина на селото нудат прекрасен терен за копнените активности кои се дел од програмата, како планинарење, хајк, качување по карпа, потрага по богатство, додека непосредната близина на кампот до Охридското езеро и реката Црн Дрим овозможуваат реализација на доста водени активности како, пливање, нуркање, едрење, рафтинг и многу други, но секако и можност за запознавање на извидниците со убавините кои ги нуди Охридскиот регион, велат организаторите, Сојузот на извидници на Македонија.

Првата извидничка смотра во Македонија се одржала во далечната 1958 година на езерото Младост во близина на Велес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива