vili kotoski 1

Котовски: Ангажмaните во Русија ме спречуваат почесто да доаѓам во Охрид

Охрид, 17. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот пејач Вили Котовски има богата животна, фестивалска и музичка приказна. Во последнава декада живее и работи во Русија, а во моментов после цели четири години одмара во родниот Охрид. Постарата генерација го памети по неговиот хит „Не дам те“, кој на крајот на 80-тите беше огромен хит не само во Македонија, туку и во цела поранешна Југославија.

Околу тоа како се случи да го засака пеењето, кој беше клучниот моментот во градењето на музичката кариера, околу неговите ангажмани во Русија и се разбира околу неговото „чедо“ „Канео Фест“, зборувавме во „Радио Корнер“ со нашиот денешен гостин Вили Котовски.

Супер радио: Како се случи да го засакате пеењето, кој беше тој момент во кој знаевте дека музиката ќе биде ваша животна преокупација?

Котовски: Во доцните 70-ти години заминав во Загреб на неопределено време и таму се моите почетоци со господинот Јасенко Хоура, кој ми ја всади музиката во душа. Сеуште сме добри пријатели и многу ми е жал што не можев да го гледам во Прилеп. Кога се вратив во Охрид добив покана да бидам дел од бендот „Инфаркт“ и тука се моите почетоци во кариерата, а потоа продолжив како што мислев дека треба.

Супер радио: „Не дам те“ е тамата која е стави силен печат во Вашата кариера, огромен хит не само во Македонија, туку во цела поранешна Југославија. Во едно интервју велите, единствена желба ми е кога ќе умрам да најдам сила да ја отпеам оваа песна. Очигледно Ви е најдрагата песна? Како се развиваше Вашата кариера по неа?

Котовски: Композицијата „Не дам те“ е напишана од Љупчо Попоски, мојот драг колега од Охрид, кој сега живее во Австралија. Голем дел од текстот на песната е мое дело. Многу ми е мило што песната се слуша до ден денес, добив информација дека во Хрватска повторно е актуелна, особено во Сплит. Многу сум благодарен што има можност да соработувам со човек како Љупчо Попоски, да ми биде близок соработник, да се дружиме, да свириме зеедно. Песната „Не дам те“ се` уште живее со мене и ми е многу драга композиција.

Супер радио: Вашата кариера бележи бројни фестивалски настапи. Ја следите ли од „далечина“ македонската музичка сцена во моментов и каков е Вашиот впечаток за неа?

Котовски: Јас сум човек кој поддржува секаква музика. Знаете, за некои музички правци многумина зборуваат дека тоа не е музика, еве да речеме, рап музиката на некого воопшто не му се допаѓа, но јас сум многу отворен за различни музички правци. Кога бев помлад дури и некои музички образовани критичари не можеа да разберат дека музиката е во постојана еволуција и дека тоа секогаш ќе биде така, ни се допаѓало тоа или не. Јас и преку „Канео Фест“ ја поддржував рап музиката, направив посебна рап вечер и сметам дека новите музички правци се квалитетни исто како и рок или хард-рок музиката и дека Македонија држи чекор со светот.

vili kotoski 2Супер радио: Да се зборува за Вашата кариера неминовно е да се спомене Русија, вашиот втор дом. И таму живеете од и за музиката?

Котовски: Намерата ми беше да се вратам во Русија и да го работам она што многу одамна во Советскиот Сојуз го работев, зборувам за плочата и касетата издадени во 1990-тата година, но тоа во целост тоа не се реализираше. Сепак остана музиката да живее. Настапувам во Русија постојано, но сепак во моментов сум на 57 годишна возраст, годините по малку ме газат и малку ми е тешко да патувам, но сепак во секој случај се` уште успевам да живеам со темпото кое ми го наложуваат договорите кои ги имам во Русија.

Супер радио: Основач сте на фестивалот „Канео Фест“. Како се роди идејата за фестивалот?

Котовски: Кога го правевме фестивалот идејата не ни беше „Канео Фест“ да биде фестивал исклучиво за млади таленти, тој не беше создаден само за нив, туку на него настапуваа и големи музички имиња од Македонија. Но како што кажавте, настапуваа и млади и непознати таленти од кои подоцна направивме ѕвезди, ќе го споменам Боби Мојосвски, познат како вицешампионот на шоуто „МК Талент“ и Гран При победник на светски реномираниот фестивал „Славјански Базар“ во Витебск, Белорусија. Боби настапи на „Канео Фест“ во 2010-та година и го освои Гранд При и првото место од публиката. Многу ми е драго што во моментов прави одлична кариера во Хрватска. Инаку идејата за „Канео Фест“ беше зедничка со уметникот Милчо Георгиески, член на бендот „Инфаркт“, а фестивалот го реализиравме исклучиво на наш „грб“, никогаш не искористивме никакви поволности, ниту поддршка во реализиацијата.

Супер радио: Вашите чести престои во Русија беа причина што организацијата на фестивалот ја предадовте на ТВ „Морис“?

Котовски: Имаше шпекулации дека сум го продал, што не е точно, бидејќи го чувствувам како мое „чедо“. Помеѓу мене и ТВ „Морис“ се направи еден договор, кој беше многу едноставен, телевизијата се нафати да го одржува фестивалот, да не згасне, а тоа беше суштината на нашиот договор. Без разлика што се случува на самиот фстивал, многу сум благодарен што фестивалот живее до ден денес, оваа година се одржа по 17-ти пат.

Супер радио: Колку години не сте дошле во родниот Охрид и Ви недостига ли градот понекогаш?

Котовски: Жалам што во Охрид доаѓам точно после четири години. Ангажманите кои ги имам во Русија ме спречуваат да доаѓам почесто. Договорите кои ги потпишувам мора да се почитуваат и навистина жалам што не можам да доаѓам почесто. Ова е град кој ме потсетува на младоста и на убави моменти, тука ми е и семејството и сите оние елементи кои ме направиле како човек. Подготвувам нешто ново и големо и верувам дека поради тоа и почесто ќе бидам во Охрид.

bistrocorner1
Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес