greece fire

На 79 се искачи бројката на загинати од пожарите во Грција

Атина, 25. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Според официјалните податоци од грчката противпожарна служба, до овој момент, 79 лица го загубија животот во пожарите во регионот Атика, а и понатаму е непознат бројот на исчезнати лица, јави дописничката на МИА од Атина.

– До сега добивме десетици повици за регистрирање на исчезнати лица. Бидејќи е во тек процесот на идентификација на телата на загинатите, се појаснува дека можеби меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени, како и лица кои се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти, рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири.

Таа додаде дека продолжува и денеска потрагата по исчезнати во опожарените населби Вуѕа, Мати и Рафина.

Паралелно, уште еднаш порача дека граѓаните чии блиски се исчезнати да пријават на бројот на противпожарната служба, за да се одреди точниот број на лица на кои им се губи секаква трага. (Крај)

извор: МИА фото: AP